Презентиран проектот „Стоп на политичкиот терор и прогон“
- Како што информираше организаторот на иницијативата, Тодор Кулаков, проектот се состои од неколку фази кои планираат да ги реализираат. Едната фаза е ослободување на осудениците од „27 април“ и обесштетување на нив и нивните семејства, како и преименување на две улици во градот во чест на, како што рече. „уставобранителите“.
Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Иницијативниот одбор на проектот „Стоп на политичкиот терор и прогон“ денеска одржа презентација на проектот чија главна цел е слобода за осудените за „27 април“.
Како што информираше организаторот на иницијативата, Тодор Кулаков, проектот се состои од неколку фази кои планираат да ги реализираат. Едната фаза е ослободување на осудениците од „27 април“ и обесштетување на нив и нивните семејства, како и преименување на две улици во градот во чест на, како што рече. „уставобранителите“.
- Направивме алманах за детално да објасниме како се одвива проектот и на кој начин стигнуваме до донесување слобода за сите тие луѓе. Ова е случај кој го следат полно контроверзии. Седум години многу работи се испуштени, многу работи не се направени, односно, апсолутно никаква иницијатива не е пројавена до пола година наназад, а после тоа на чуден начин почнаа разно разни иницијативи. Јас ќе речам дури и без концепт. Но, ова е проект кој една година е подготвуван и стоиме позади тоа дека е единствен којшто ќе донесе слобода за браќата од 27 април, рече Кулаков.
Крајниот рок за проектот, како што дополни, е седум месеци.
- Крајниот рок е седум месеци што е своевиден рекорд имајќи во обзир дека треба да се донесе правосилна судска пресуда. Значи треба прво да се издејствува повторување на постапка, па самата постапка да се повтори. Една пресуда, па после втора пресуда, да побараме Апелација да стане правосилна, рече тој.
Другите цели на здружението, како што дополни, се, „она што генерално сметам дека треба јавноста да ја анимираме дека не само браќата се жртви на политичкиот прогон“.
- Јавноста треба да ја анимираме и многу добро да знае и да почувствува дека семејствата се подеднакви жртви на политички прогон. Деца без татковци растеа, деца се родија, седумгодишни деца станаа. Заради тоа како еден следствен чекор откако ќе донесеме слобода ќе се избориме за оштета од државата заради таквиот политички прогон. Значи оштета на директните жртви на политичкиот прогон, но и оштета на сите членови на нивните семејства. Без тоа би било бесмислено. Токму заради тоа е така концепиран овој проект, дополни тој.
Како последна фаза од проектот, истакна дека ќе ги контактираат Советот на Град Скопје и градоначалничката за два булевари во градот да се прекрстат во улица на жртвите на политички прогон и во улица на уставобранители.
Според Кулаков, со овој проект ќе издејствуваат, како што рече, „никој во иднина да не ни помисли да проба да прави такви и слични политички прогони“.
- Едноставно кога државата ќе треба милиони евра да исплати оштета и кога ние како проект ќе го крениме тоа на највисоко ниво. Мислам дека ќе нема потреба и сигурен сум дека понатаму ќе нема политички прогони, подочи тој.
Во Иницијативата, како што информираат оттаму, членуваат преку 30 ентитети.
- Најистакнати Македонци, патриоти, врни интелектуалци и Македонски здруженија од земјава и од целиот свет како Богдан Илиевски – Бетмен, Мане Јаковлевски, Вангел Божиноски, ректорот на Универзитетот Скопје – Аце Миленковски, претставници на Здружението на пензионери кои бројат 55 000 и кои сега заедно со Владата издејствуваа да се качат пензиите на 5 000 денари, Тодор Петров и СМК, Здружението Македонски Аманет, Бил Николов од Канада и МХРМИ - MHRMI Macedonian Human Rights Movement International, Ицо Најдоски Перин од Австралија, Здружение на Македонски заедници од СР ФЕрманија, хуманитарец и бизнисмен Крсте Срејнер од Австрија, Спасо Јаегер од САД, хуманитарецот и донатор Боби Темалков од Канада, Здружението на Македонци во Србија „Кочо Рацин“, велат оттаму. ар/аа/
Фото: МИА