Предложен притвор за едно лице за продажба на дрога во Битола
- Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Скопје, 6 август 2025 (МИА) - Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, осомничениот од октомври 2024 година се до почетокот на овој месец неовластено продавал наркотична дрога на повеќе лица - сведоци.
На 4 август годинава полицијата извршила претрес во неговиот дом и други простории. Во мопедот паркиран пред домот и во објект во непосредна близина, кој не се користи, полициските службеници пронашле вкупно 16,21 грама марихуана и 10,44 грама амфетамин. Дрогата била спакувана во повеќе помали пакувања наменети за натамошна продажба и скриена во различни предмети.
Јавниот обвинител, оценувајќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. мд/дма/
Фото: МИА архива