• сабота, 23 ноември 2024

Предвидени 10 милиони денари за уредување на просторот околу станбените згради низ штипските населби

Предвидени 10 милиони денари за уредување на просторот околу станбените згради низ штипските населби

Штип, 2 мај 2023 (МИА) - Почна уредувањето околу станбените згради во близина на Здравствениот дом во Штип. Увид во денешните градежни активности изврши градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој посочи дека овде активностите ќе завршат за десетина дена, но уредувањето ќе продолжи и во останатите населби од градот.

- Денесka сме кај стариот пазар, веднаш до Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, каде се уредуваат влезовите на станбените згради на улица „Маршал Тито“. Вредноста на ова партерно и хортикултурно уредување со павер елементи е 700.000 денари. Веднаш по завршување на овој простор што претходно бил неуреден и е по барање на жителите на оваа станбена зграда, ќе се започне и со уредување на просторот пред станбените згради во населбите Автокоманда, Осми ноември, Сењак, рече  Јорданов.

Целта е во градежната сезона да се уредат поголем дел од површините пред станбените згради, бидејќи, како што вели Јорданов, тоа било барање и потреба на жителите.

-Ќе има хортикултурно уредување, затоа што во самиот проект е предвидено да се постават жардињери, да се остави зелен појас за да се постави урбана опрема со осветлување и клупи со цел жителите да имаат помодерно место за релаксирање, вели Јорданов.

Тој на денешната прес-конференција посочи дека овие градежни активности се согласно со Програмата за уредување на градежно земјиште, а за уредување на станбените влезови на зградите во Штип предвидени се 10 милиони денари. вдј/цр

Фото:МИА 

Остани поврзан