• четврток, 04 декември 2025

Превентивна активност на СВР Куманово за зголемена безбедност во сообраќајот

Превентивна активност на СВР Куманово за зголемена безбедност во сообраќајот

Куманово, 16 јули 2025 (МИА) -Под мотото „Стави појас“, „Не зборувај на мобилен телефон“ и „Не паркирај на тротоар“, денеска на неколку фреквентни локации во Куманово полициските службеници од отсекот за превенција од СВР Куманово и полициските службеници од ПС за безбедност на патниот сообраќај спроведоа превентивна акција за подигање на јавната свест кај учесниците во сообраќајот. 

-Целта на активноста беше едукација на возачите и поттикнување на поголема сообраќајна култура и одговорност при управување со моторни возила. Во текот на акцијата, полицијата разговараше со граѓаните и ги потсети на обврската за користење сигурносен појас, избегнување на телефонски разговори додека се управува возило, како и на потребата од правилно паркирање, со цел овозможување непречено движење на пешаците и другите учесници во сообраќајот, информираше полицијата.

Возачите добија и едукативни материјали – летоци со совети за безбедно учество во сообраќајот, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Од СВР Куманово нагласуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, за да се зголеми безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. ам/вг/


Фото: МВР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан