• недела, 22 декември 2024

Избори во Шпанија: Победа на Народната партија, но недоволна за апсолутно мнозинство

Избори во Шпанија: Победа на Народната партија, но недоволна за апсолутно мнозинство

Мадрид, 23 јули 2023 (МИА) - Опозициската десничарска Народна партија предводена од Алберто Нуњез Фејхо ќе биде победник на денешните предвремени парламентрани избори во Шпанија со освоени меѓу 145 до 150 пратенички места, покажуваат првичните проценки што ги објави шпанската новинска агенција ЕФЕ.

Актуелната владејачка Социјалистичка партија на премиерот Педро Санчез ќе добие меѓу 113 и 118 места.

Народната партија, сепак, нема да освои апсолутно мнозинство во 350-члениот Парламент и за да го постигне тоа ќе мора да коалицира со екстремно десната популистичка партија Вокс која ќе има меѓу 28 и 31 мандат.

Лидерот на Народната партија Фејхо изјави дека во Шпанија „ќе започне нова ера“.

Санчез, пак, кој е пет години на власта ги оцени изборите како  „многу важни за светот и за Европа“.

Педро Санчез ги распиша предвремените парламентрани избори по неуспехот на социјалистите на регионалните и локалните избори во мај годинава. 

Право на глас на денешните избори имаа 37,5 милиони Шпанци.

Изборите во Шпанија предизвикаа интерес поради можното доаѓање на власт на конзервативната десница и ултранационалистичката и ултра-конзервативна партија Вокс, која го негира постоењето на родово насилство, го критикува „климатскиот фанатизам“ и е многу отворено против ЛГБТ заедницата и абортусот.

Таквото сценарио би го означило враќањето на власт на екстремната десница во Шпанија прв пат по крајот на диктатурата на Франко пред речиси половина век.

Во пресрет на изборите за Европскиот парламент во 2024 година, вртењето на Шпанија надесно по Италија минатата година, според политичките аналитичари, би претставувало остар удар за европската левица, особено затоа што Шпанија во моментов претседава со Европската унија.са/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан