• недела, 22 декември 2024

Првични податоци за новиот „Галакси“ телефон со преклоп

Првични податоци за новиот „Галакси“ телефон со преклоп

Лос Анџелес, 17 јyни 2024 (МИА) - „Самсунг“ наскоро ќе го претстави паметниот телефон „Галакси Зет флип-6“, па како што и обично се случува, информациите околу спецификациите „протекоа“ пред самиот настан.

Така, првичните податоци говорат дека телефонот ќе има 6,7-инчен „Динамик АМОЛЕД 2x“ екран на преклопување со резолуција од 1.080 x 2.640 пиксели и брзина на освежување од 120 херци. Тука е и надворешниот 3,4-инчен „Супер АМОЛЕД“ екран со резолуција од 720 x 748 пиксели. Уредот се напојува со „Снепдрагон ген 3“ процесор на „Квалком“, а што се однесува до внатрешната меморија, кипувачите ќе може да избираат меѓу 256 и 512 ГБ.

„Галакси флип-6“, се вели, ќе користи главна камера од 50 МП, којашто е вградена и во серијата „Галакси С-24“ и „Галакси Зет фолд-5“. Ултра широката камера од 12 МП е преземена од „Флип-5“. За „селфи“ фотографии, телефонот ќе има и камера од 10 МП.

Телефонот, инаку, според неофицијалните наводи, поддржува „Ви-фи 6Е“, „Блутут 5.3“ и УСБ 3.2. Димензиите му се 165,1 x 71,9 x 6,9 мм при отворање, а тежи 187 грама. Батеријата ќе биде со капацитет од 4.000 мАх.

Цената, како и другите подробности, се чини, официјално ќе бидат познати на 10 јули, кога „Галакси флип-6“ и званично ќе биде претставен, заедно со часовниците „Воч 7“ и „Воч ултра“, како и „паметниот прстен“ наречен „Галакси ринг“. си/мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан