• понеделник, 23 декември 2024

Прва форумска сесија од Буџетскиот форум во Делчево

Прва форумска сесија од Буџетскиот форум во Делчево

Делчево, 24 октомври 2023 (МИА) - Денеска се одржа првата форумска сесија од предвидените три, за креирање на Буџетот на Општина Делчево за 2024 година, на која активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, од граѓанскиот сектор и институции.

Целта на организацијата на форумот е одредување на приоритетните проекти за реализација за наредната година детектирани од граѓаните, а Општина Делчево почитувајќи го гласот и мислењето на граѓаните и анализирајќи ги предложените приоритети ќе ги предвиди за реализација. 

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој го отвори форумот, истакна дека буџетскиот форум е одлична алатка за дефинирање на приоритетите и креирање на Буџетот на една општина и за него како градоначалник, е многу важно партнерството меѓу граѓаните и Општината и граѓанското учество во сите сфери од живеењето. 

- Сведоци сте дека во изминатите години изградивме многу капитални проекти и решивме децениски проблеми со што одговоривме на вашите приоритети: изградивме капела, пешачки мост, современ градски пазар, почнавме со изградбата на новата детска градинка во населба Расадник; во полн ек е изградбата на пречистителна станица за вода за пиење, изградбата на водоводи во селата Ѕвегор и Габрово, рече Трајковски.

Тој напомена дека при крај е реконструкцијата на водоводната мрежа и замена на старата дотраена азбестна инсталација со нова пвц-инсталација со што се решава проблемот со квалитетот на водата за пиење и честите дефекти на водоводната мрежа.

Паралелно, посочи тој, се градат и реконструираат улици, како во градот така и во селските средини.

- Прв пат се асфалтираше стариот пат Делчево-Тработивиште; реконструкција на локалниот пат за село Стамер; се реконструираше регионалниот пат за село  Разловци-одбран, како наш приоритет и по наше барање до ЈПДП, посочи Трајковски.

Потенцираше дека наредниот период и во рамки на големиот проект за подобрување на водоснабдувањето на Делчево со обезбедените нови 1,9 милиони швајцарски франци од Швајцарската Конфедерација и Министерството за животна средина, ќе се реконструира резервоарот за вода во месноста Чука, а ќе се изгради водовод во село Вирче, што ќе биде приклучен на системот на Лошана. 

Во овие две години од вториот мандат на Трајковски, во Делчево се инвестираат над 420 милиони денари, средства наменети за развој на Општината. Во рамки на процесот беа презентирани актуелните и планираните проекти на Општина Делчево, како и предлог-рамката на Буџетот за 2024 година. 

На трите форумски сесии учесниците ќе работат во тематски групи. Буџетските форуми се во организација на Регионалниот центар за застапување и Општина Делчево. вс/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан