• петок, 05 декември 2025

Прва официјална средба на градоначалникот Гоцевски и владиката Марко

Прва официјална средба на градоначалникот Гоцевски и владиката Марко

Делчево, 6 ноември 2025 (МИА) – Во кабинетот на градоначалникот на Општина Делчево, денеска, се одржа првата официјална средба помеѓу градоначалникот Иван Гоцевски и Неговото преосвештенство владиката Марко, епископ на новоформираната Делчевско-каменичка епархија. На средбата присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Делчево, Николчо Стојменовски, како и заменичката-градоначалник Адријана Велковска-Илиевски, заедно со претставници од Епархијата. Разговорот беше насочен кон приоритетите, активностите и предизвиците со кои се соочува новоформираната епархија. 

Владиката Марко го информираше градоначалникот за состојбата со постојните цркви и манастири во регионот, а посебен акцент беше ставен на доизградбата на новиот црковен храм „Св. Кирил и Методиј“, каде што се планира да биде и седиштето на Епархијата. Гоцевски истакна дека формирањето на првата епархија со седиште во Делчево претставува значаен духовен и културен момент за регионот. 

– Со искрена чест и благодарност, денеска на владиката Марко му доделив Благодарница како симбол на нашата почит и признание за неговата возвишена мисија. Општината останува отворена за соработка и поддршка на нашата Епархија, со цел нејзино поуспешно функционирање, изјави Гоцевски, додавајќи дека Општината ќе продолжи со отворена соработка и со сите верски заедници во Делчево. 

Владиката Марко изрази задоволство од конструктивната средба и од досегашната поддршка што ја добива од Општината и од православните верници. 

– Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и ќе се продлабочи, во интерес на граѓаните и духовниот живот во регионот, рече владиката Марко. 

Делчевско-каменичката епархија е формирана во 2023 година со Одлука на Синодот на МПЦ-ОА, и е една од 15-те епархии во нејзина јурисдикција. Седиштето на Епархијата е во Делчево, а нејзината надлежност ги опфаќа градовите Делчево и Македонска Каменица, како и околните села. вс/ра

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан