• петок, 22 ноември 2024

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП хоспитализирана на Инфективна поради Ковид-19

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП хоспитализирана на Инфективна поради Ковид-19
Скопје, 7 ноември 2020 (МИА) - Пратеничката од ЛДП Моника Зајкова вечерва објави дека е позитивна на Ковид-19 и е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести во Скопје. -Ви пишувам откако собрав малку сила, лежејќи на клиниката за инфективни болести каде што сум хоспитлизирана поради заразеност од корона вирусот. Најдирекно и најискрено сакам да ви пренесам дека вирусот е насекаде околу нас, не е воопшто за потценување, а заболувањето може да биде полошо отколку што можете да замислите! Истовремено ве информирам дека не само јас, туку и моите родители, за среќа со полесни симптоми, се борат со фамозниот непријател кој и во нашата земја зеде голем замав. Иако ги следевме и почитувавме сите протоколи, најверојатно некаде, за жал, сме потфрлиле, напиша Зајкова во објава на Фејсбук. Таа додава дека телесната температура не и спаѓа под 38.5 C, чувствува омалаксаност, континуирано гадење, повраќање и изнемоштеност. Констатирана и е почетна пневмонија. -Ова не сакам да звучи како заплашување, туку повеќе како отрезнување, затоа што понекогаш може да биде предоцна! Од состојбата во која се наоѓам сакам најостро да ги осудам и да ги побијам неубеденоста во егзистирањето на вирусот, неверувањето кон неговата вируозност и негодувањето од пропишаните мерки. Најдлабоко ве замолувам – Следете ги препораките од министерството за здравство и СЗО. Надевајте се дека вирусот никогаш нема да допре до вас, но однесувајте се како да е насекаде околку вас, затоа што е реалност! Носете маска, безусловно, макар и сами на улица! Одржувајте соодветна дистанца меѓу останатите! Одржувајте темелна дезинфекциона хигиена! Пребродете го периодов кој бара одрекувања и изолација во нешто што е продуктивно за вас и за семејството, напиша Зајкова. Здравствените работници, како што дополнува, се беспрекорно организирани и посветени и заслужуваат највисоко признание, но глетката кон состојбата на пациентите е траорна и посакувам никој никогаш да не ја види или доживее! - За жал, борејќи се со опасниот вирус, извесен период ќе бидам спречена да ги извршувам работните обврски како пратеничка во републичкото собрание, претставувајќи ве најдобро што знам и умеам, но штом се изборам со овој предизвик, продолжувам со полна пареа!, наведува пратеничката.лв/

Остани поврзан