• понеделник, 23 декември 2024

Пратениците расправаат за заем за Проектот за унапредување на основното образование

Пратениците расправаат за заем за Проектот за унапредување на основното образование
Скопје, 16 март 2021 (МИА) - Пратениците денеска во рамки на продолжението на 29. седница расправаа за Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, по скратена постапка. Основната цел на проектот е да ги подобри условите за учење во основното образование во земјата. Овој предлог-закон се заснова на обезбедување финансиски средства за да се овозможи реализација на Проектот за унапредување на основното образование. Оттука, Република Северна Македонија и Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка ќе склучат Договор за заем наменет за реализација на Проектот за унапредување на основното образование, во износ од 21.5 милиони евра. Проектот ќе се имплементира преку Единица за управување со проектот, која веќе функционира во рамки на Министерството за образование и наука. Во имплементацијата на проектот ќе бидат вклучени и Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, општините и основните училишта. Проектот се состои од повеќе компоненти: подобрување на учењето на ниво на училиште (15.11 милиони евра), реформа на следењето и оценувањето на националниот прогрес во учењето (1.895 милиони евра), зајакнување на компетенциите на наставниот кадар, стручните соработници и директорите на училиштата (2.9 милиони евра), управување со секторот, раководење со проектот и мониторинг и евалуација (1.54 милиони евра)... Во претпладневниот дел од расправата пратениците од опозицијата укажаа на презадолженоста на државата, се осврнаа на вредноста на Проектот за унапредување на основното образование - 21,5 милиони евра. Според нив, има загриженост кај образовната фела, кај професорите, наставниците, кај родителите, кај учениците. Пратениците посочија дека ресорната министерка Мила Царовска не присуствува на седницата, а не присуствувала и на собраниската комисија. Според пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, ниту едно евро нема да се потроши за училиштата и за учениците туку, како што рече, сите пари ќе одат за политички кампањи. - Да за реформи во образованието. Образованието е динамичен процес и секогаш може подобро и повеќе и секој денар вложен во образование е добро вложен. Но, не за неосмислени и нарачани реформи во образованието од туѓи центри на моќ кои не и мислат ништо добро на Република Македонија, нагласи Трајанов. Халил Снопче од Алијанса за Албанците потсети на досега спроведените реформи во образованието, од основно до високо образование. Според него, треба да се зборува за наставниците кои, како што рече, се главен двигател на реформите и неопходно е да се инвестира во нивна обука за да имаме прогрес. Тој смета дека за подобро образование во земјава, потребни се и современи и модерни училишта. На овие забелешки не се согласуваат пратениците од владејачкото мнозинство, според кои преземените чекори се во насока на подобрување на состојбите. Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 16 часот. На дневен ред на 29. седница се предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за библиотеките, Законoт за заштита на културното наследство и на Законот за прекршоците, сите по скратена постапка. Меѓу точките на дневниот ред се и предложените измени и дополнувања на Законот за личната карта, по скратена постапка, поднесен од пратениците: Бастри Бајрами, Кастриот Реџепи, Биљал Касами, Фадил Зендели, Сурија Рашиди, Илире Даути, Артина Ќазими, Зиадин Села, Халил Снопче, Абдула Салиу, Сафије Садики Шаини. На седницата треба да се разгледаат и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, на Законот за метрологијата, на Законот за заштита и благосостојба на животните и  на Законот за идентификација и регистрација на животните, сите во прво читање. Дел од точките на дневниот ред е и Информацијата за состојбата на тутунот од реколта 2020-2021 заклучно до 21.12.2020 година, поднесен од пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. мд/дма/

Остани поврзан