• недела, 22 декември 2024

Пратеникот Талевски на седницата на Постојаниот комитет на ПС на НАТО

Пратеникот Талевски на седницата на Постојаниот комитет на  ПС на НАТО

Скопје, 27 март 2023 (МИА) - Во организација на Парламентарното собрание на НАТО и Парламентот на Кралството Норвешка (Стортингет) викендов во Осло се одржа состанок на Постојаниот комитет на кој учествуваа 26 делегации, претседателите на петте комитети на ПС на НАТО и претседателот на Специјалната медитеранска група.

Од Собранието на Република Северна Македонија учествуваше заменик-шефот на Делегацијата, Миле Талевски.

Како што информира собраниската прес-служба, Комитетот ја разгледал Предлог-декларацијата „Новото НАТО во ерата на стратешки натпревар” презентирана од известителката Линда Санчез (САД) и поднесените амандмани, при што е усвоен преработен текст кој треба да биде дебатиран на Пролетната сесија на ПС на НАТО во Луксембург. Декларацијата става особен акцент на адаптирање кон ревидираниот Стратешки концепт на НАТО, амбициозно инвестирање во најнова информатичка и воена технологија и обезбедување на финансиски придонес од минимум два отсто од БДП од секоја земја-членка.

-Делегациите имаа можност за директна размена на мислења за моменталната состојба во Украина со шефот на Украинската делегација во ПС на НАТО, Јехор Черниев, коj се обрати виртуелно. Претседателот на Врховната Рада Руслан Стефанчук во видео-порака апелираше на цврста и континуирана поддршка на НАТО-сојузничките земји во воена и материјална опрема на армијата на Украина, авиони и ракети, кои се итно потребни за одбрана на источниот дел на земјата кој Русија се обидува целосно да го окупира и анектира. Тој истакна дека во пресрет на НАТО Самитот во Вилнус и на Пролетната сесија на ПС на НАТО во Луксембург очекува силна поддршка на Украинската апликација за членство во НАТО од страна сите сојузници, преку донесување на посебна Декларација. Черниев ја повтори потребата од востановување на Меѓународен трибунал за воените злосторства во Украина, бидејќи само во рамките на меѓународно-правниот поредок и преку обелоденување на фактите агресорот може да ја добие соодветната казна. И двајцата укажаа на силната улога на Украина во светската безбедносна архитектура и акцентираа дека украинската победа, со запазување на границите на земјата од 1991 година, е критична за европската и глобална безбедност, информираат од македонското Собрание.

На присутните им се обратил и норвешкиот премиер Јонас Гар Стор, кој пред два дена на редовна работна средба со генералниот секретар на НАТО во седиштето во Брисел заеднички ги потврдил приоритетите на Норвешка во претстојните НАТО активности во заштита на критичната инфраструктура и развивање на безбедносни стратегии во Високиот север (High North). Тој се осврнал на директната помош што Норвешка и ја дава на Украина, но укажал и на внимателноста кон нивниот сосед Русија, од каде доаѓаат хибридни закани. Апелирал на што поскоро акцептирање на Шведска и Финска во НАТО, со итно преземање на сите потребни чекори да завршат ратификационите постапки и овие две земји да станат НАТО сојузнички на Самитот на НАТО во Вилнус.

На состанокот биле поканети и шефовите на делегациите од парламентите на Шведска и Финска, како земји кои наскоро треба да станат полноправни членки на НАТО, при што учествувала делегација од Парламентот на Шведска. мч/бак/

фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан