• понеделник, 23 декември 2024

Право и Правда ја загуби власта – Моравјецки не ја доби поддршката од полскиот Сејм 

Право и Правда ја загуби власта – Моравјецки не ја доби поддршката од полскиот Сејм 

Варшава, 11 декември 2023 (МИА) – Предложената нова полска Влада на досегашниот премиер и актуелен мандатар Матеуш Моравјецки, како што и се очекуваше, не ја доби парламентарната доверба, што го отвора патот за лидерот на центристичката опозиција Доналд Туск да ја преземе власта во Полска, јави ДПА.

Само 190 пратеници од Долниот дом на полскиот парламент-Сејмот, гласаа за националистичко-конзервативната Влада на Моравјецки, додека 266 гласаа против.

Се очекува парламентот да побара од Туск, лидер на партијата Граѓанска платформа (ПО), да бара формирање нова полска Влада.

Граѓанската платформа и нејзините про-ЕУ сојузници на изборите одржани на 15 октомври излегоа како јасни победници, освојувајќи 248 места во 460-члениот Долен дом, многу повеќе од 194-те што ги освои конзервативната, националистичка и популистичка Право и правда на Моравјецки, потсетува ДПА.

Тројната алијанса на Туск веќе потпиша коалициски договор и одлучи како ќе се поделат портфолијата во новиот кабинет, додека ПиС не можеше да најде партнери за поддршка на нивната влада.

Полскиот претседател Анджеј Дуда ја искористи својата функција за да ја одложи промената на власта што е можно подолго, задолжувајќи го Моравјецки да формира влада по изборите и да даде заклетва во неговиот кабинет на крајот на ноември и покрај отсуството на мнозинство. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан