• четврток, 26 март 2026

ПП Левица: Европскиот суд за човекови права отвори постапка во предметот на Апасиев против Таљат Џафери, за непостапување по референдумската иницијатива

ПП Левица: Европскиот суд за човекови права отвори постапка во предметот на Апасиев против Таљат Џафери, за непостапување по референдумската иницијатива

Скопје, 6 март 2026

Ја известуваме јавноста дека Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, во прва фаза, ја прифати апликацијата на жалителот Апасиев против Република Македонија и и додели судски број: 25565/25 и бар-код. За потсетување, станува збор за познатиот случај на одбивање на референдумската иницијатива на пратеникот проф. д-р Апасиев од страна на тогашниот претседател на Собранието на РМ – Таљат Џафери, а во врска со парламентарните Заклучоци донесени за т.н. Француски предлог за бугаризација на Македонија, се вели во соопштението на ПП Левица кое МИА го објавува интегрално.
 
Професорот Апасиев, во жалбата до Стразбур, се повикува на член 1 од Протоколот XII (2000) и на член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, односно на општата забрана на дискриминација, а во врска со член 10 (Слобода на изразување) и член 11 (Слобода на собирање и здружување) од ЕКЧП.
 
За осуда е тоа што претходно, сите редовни домашни судови се прогласија за ненадлежни да постапуваат по овој предмет, а Уставниот суд на РМ – дури по три години од поднесување на првичното Барање за заштита на слободите и правата на граѓанинот, истото го одби со паушално и правно неиздржано образложение. Со овој правен преседан, уште еднаш се покажува нестручноста и слабиот правен капацитет на уставните судии, кој воопшто не ја следат, ниту применуваат јудикатурата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), што само по себе е поразително и недозволиво.
 
Левица обзнанува дека правната битка за овој, но и за другите случаи – како што е оној за цензурата врз нејзе на последните Локални избори 2025 спроведена од страна на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Државната изборна комисија (ДИК), исто така ќе ги изнесе пред Европскиот суд за човекови права и очекува позитивен исход од истите. Но, истовремено, бараме правна и политичка одговорност за сите инволвирани во ваквото еклатантно кршење на човековите слободи и права на левичарите.

ПП Левица

Фото: МИА архива 

Тагови

Остани поврзан