Почнува Фестивалот на детската креативност „Трамболини“
- ЈУ Детски културен центар „Карпош“ од денеска ќе го организира и реализира Фестивалот на детската креативност „Трамболини“. Фестивалот ќе се одржува до 3 јуни.
Скопје, 27 мај 2025 (МИА) - ЈУ Детски културен центар „Карпош“ од денеска ќе го реализира Фестивалот на детската креативност „Трамболини“. Фестивалот ќе се одржува до 3 јуни.
- Шести пат фестивалот „Трамболини“ ќе се преточи во неисцрпен извор на креативност, кој преку едукативни и креативни работилници ќе ја развива креативноста, креативните вештини, фантазијата и љубопитноста кај децата со понудените разнолики работилници, соопштија од Детскиот културен центар.
Како што е најавено, на фестивалот ќе учествуваат деца и млади на возраст од 7 до 17 години, каде ќе совладаат нови техники на креативно изразување на забавен и креативен начин. На овој фестивал децата ќе можат да уживаат во работилници за личен развој, изработка на моден детал од глина, работилница на турски јазик, ликовна изложба, изработка на креативна торбичка, работилница во Музејот на современа уметност насловена како „Временски патници“ и како за крај на фестивалот, публиката ќе има можност да го погледне детскиот мјузикл на македонски јазик „Аладин и духот од волшебната ламба“ во изведна на талентираните членови на Студиото за детски и младински мјзуикли Бродвеј Јуниор од Скопје.
Работилниците се од различни области и ќе се реализираат на различни локации низ Град Скопје.
Фестивалот Трамболини е поддржан од Град Скопје.бт/лв/
Фото: Детски културен центар „Карпош“