• сабота, 23 ноември 2024

Почнува фестивалот „Златна лира“, девет камерни концерти до 31 октомври

Почнува фестивалот „Златна лира“, девет камерни концерти до 31 октомври

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) - Во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), од денеска до 31 октомври ќе се одржува 17. Фестивал на камерна музика „Златна лира“ кој ќе понуди девет камерни концерти и настап на домашни уметници кои творат во земјава и во странство.

Фестивалот денеска во Музејот на македонската борба во Скопје ќе го отворат тенорот Михајло Арсенски и пијанистот Дино Имери. Во наредните денови концертни настапи ќе имаат и пијанистките Хајди Елзесер и Јасмина Трајческа, камерните дуа Љупчо Коскаров (труба) и Дарко Мариновски (пијано), Ристо Ѓоревски (кларинет) и Елена Атанасовска-Ивановска (пијано), Александра Коцевска (мецосопран) во пијано придружба на Глигор Гелебешев, Момчило Куфојанакис (виолина) и Весна Ангеловска-Христов (пијано), Даниел Апостолов (фагот) и Дарко Мариновски (пијано).

Во рамките фестивалот „Златна лира“ традиционално ќе учествуваат и млади уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера. СМУМ во изминатите години соработува со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет.

-Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“. На фестивалскиот подиум ова издание ќе ги видиме младите уметници Мерт Рустемов (кларинет), Мевљут Асаноски (кларинет), Ѓорѓи Димовски и Арсени Ангелески (пијано), соопшти СМУМ.
 
На последната фестивалска вечер на „Златна лира“, на 31 октомври во Музејот на македонската борба, ќе бидат доделени традиционалните награди „Златна лира“ на Сојузот на музичките уметници на Македонија. 

Оваа година наградата „Златна лира“ за успешна работа во текот на изминатата година ќе му биде доделена на Трио Аура, во состав Ана Гацева – пијано, Страшо Темков – флејта и Марјан Милошевски - фагот, додека наградата за животно дело ќе ѝ биде врачена на пијанистката, професорка по пијано и публицистка Снежана Анастасова-Чадиковска.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира во соработка и со поддршка на Министерството за култура, Факултетот за музичка уметност во Скопје, Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) и фестивалот „Охридски бисери“. Влезот на сите концерти ќе биде слободен. хс/лв/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан