• четврток, 26 март 2026

Почнува театарскиот фестивал „Гола месечина“ во Аеродром

Почнува театарскиот фестивал „Гола месечина“ во Аеродром

Скопје, 10 септември 2025 (МИА) - Со претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ и во изведба на Градско позориште Јазавац од Бања Лука, Босна и Херцеговина, вечер од 20 часот ќе биде отворен 12. Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ што го организира Општина Аеродром. Фестивалот ќе трае до 13 септември и ќе се одржува во паркот „Авионче“.

Во претставата на првиот фестивалски ден играат актерите Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ. Утре (четврток) на фестивалот ќе се одигра претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Нино Леви.

На 12 септември (петок) на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од Сцена Маска – Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.

На 13 септември (сабота) ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш, во изведба на  Театар Керекеш од Вараждин, Хрватска. Играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња. Истата вечер од 21:20 часот, како дел од придружната програма на „Гола месечина“, стендап-настап ќе има Бојан Велевски.

Претставите годинава ги избра Роберт Ристов. Ќе почнуваат од 20 часот, влезот е бесплатен. На последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите, за кои ќе одлучува жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска-Ристов. хс/лв/

Фото: Општина Аеродром

Остани поврзан