• понеделник, 23 декември 2024

Почнува петтиот Галичник Филм Фестивал

Почнува петтиот Галичник Филм Фестивал

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Вкупно 28 краткометражни филмови ќе бидат прикажани на петтиот Галичник Филм Фестивал, кој вечер ќе биде отворен на планината Бистра. По свеченото отворање, ќе настапат Скопје Брас Квинтет, кои како дел од проектот „Филмско-музичка Фузија“, ќе отсвират новокомпонирана музика на познати филмски сцени.

Посетителите до 4 август 2024 година, покрај филмските проекции, ќе имаат можност да учествуваат во различни активности – дискусии со режисери и актери, работилници... Љубителите на културата ќе можат да ги истражат и историските и културните знаменитости на Галичник, да уживаат во локалната гастрономија и да се поврзат со природата.

- Селектирани се 28 краткометражни филмови, кои доаѓаат директно од престижните филмски фестивали како што се Канскиот филмски фестивал, Венецијанскиот филмски фестивал, Торонто Филм Фестивал, Санденс, Локарно и многу други. Овие филмови, кои претставуваат богатство на жанрови и приказни, ќе ве однесат на патување низ различни култури и емоции, се наведува во најавата за Фестивалот.

Како дел од жири-комисијата оваа година се актерот Ѓорѓи Јолевски, режисерката Тамара Котевска и филмскиот монтажер Мартин Иванов и кинематографот Џин Дакар.

Во рамки на фестивалот ќе се одржи и балканската работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски. Избрани се пет проекти во развој од земјата и регионот.

Публиката вечер ќе може да го проследи краткиот филм „ТУРБО-НЕТ“, во сценарио и режија на Надежда Панова.  Улогите ги толкуваат млади и искусни глумци меѓу кои Катина Иванова, Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Сашо Тасевски, Исидор Јовановски, Илија Волчески, Ивана Павловиќ, Игор Трпчевски, Петар Стојанов, Надица Дојкоска, и Петар Горко. Сценографијата е на Дејан Ѓошевски, камерата на Лашло Кадар а извршен продукцент е Виктор Павловски. 

Филмот е приказната за едно семејство и неговите предизвици по смртта на таткото, сопственик на Турбо-Нет, првото интернет кафуле во градот и центар на друштвениот живот на почетокот на векот. Подржан од Агенцијата за филм и фондот Синефором, Женева, филмот е ко-продукција на Пирејфилм, Скопје и Камера300, Швајцарија.   

Фестивалот е поддржан од Агенција за филм и Министерство за култура и туризам. Програмата на Галичник Филм Фестивал е бесплатна. мд/нд/

Фото: Плакат 

Остани поврзан