• понеделник, 01 јули 2024

Почнува Официјалната програма на ОСТЕН Биеналето на цртеж - Скопје 2022

Почнува Официјалната програма на ОСТЕН Биеналето на цртеж - Скопје 2022
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Со самостојната изложба на уметницата од Грција Александра Стампали - „Забранет дијалог“ и со изложба на слики со дела од Салвадор Дали од колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж вечер започнува Официјалната програма на ОСТЕН Биеналето на цртеж - Скопје 2022. -Во текот на своето повеќедецениско работење, ОСТЕН воспостави процес на вреднување на уметничките дела преку систем на награди со кој им оддаваме признание на уметниците – учесници на Биеналето од целиот свет. За сè поголемата меѓународна репутација на ОСТЕН Биеналето на цртеж говорат реални показатели – квантитативни и квалитативни, наведуваат организаторите. На овогодишното издание – ОСТЕН Биенале на цртеж пристигнале пријави од 336 уметници од 52 земји со 1035 дела. Квалитативниот избор на уметниците со нивните дела се одвиваше во два дела преку селекција и жирирање. Селекторот Емил Алексиев, Северна Македонија избра 146 уметници, од кои 73 финалисти. Жирирањето го спроведе меѓународно жири во состав Ларс Керулф Молер, Данска; Марија Цанцаноглу, Грција и Марио Пиерони од Италија, кои одлучија за наградите. Според одлуката на Советот на амбасадори на ОСТЕН на ОСТЕН Биеналето на цртеж Скопје 2022 добитник на ГРАН ПРИ за животно остварување е Јозеф Кошут, САД (Joseph KOSUTH, USA) – американски уметник и теоретичар, основач и водечка фигура на концептуалната уметност, a наградата Светско културно наслдство се доделува на Харменсон фон Рајн РЕМБРАНТ, Холандија (Rembrandt Harmenszoon van Rijn, Netherlands) – еден од најголемите визуелни уметници во светската историја на уметноста и најважниот во холандската историја на уметностa. Централниот настан по повод ОСТЕН Биеналето на Цртеж ќе се одржи на 22 февруари 2023 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте aмам, каде ќе се одржи голема изложба со дела од речиси 150 меѓународни уметници. Истовремено, ќе бидат изложени наградените и селектираните карикатуристи од 54. Светска галерија на карикатури Скопје 2022, а на наградените уметници и карикатуристи присутни на настанот ќе им бидат врачени наградите. вг/мд/

Остани поврзан