• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Почнува едносменска настава во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров

Почнува едносменска настава во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Почнува едносменското работење во основното училиште „Димитар Поп Георгиев - Беровски“ во Општина Ѓорче Петров. Ова е четврто училиште во Општината која почнува со едносменска работа, а целта е стекнување на поквалитетно знаење, зачувување на работните места на наставниците, но и намалување на општинските трошоци.

- Придобивките од едносменското работење се големи - поквалитетно знаење, заштеда на огромни трошоци кои ги има Општината за одржување на училиштата, но повторно потенцирам, и зачувување на работните места на наставниците. Нашата анализа вели дека за да се спроведе овој проект, едносменско работење во училиштата, потребна е доградба на околу 300 училници и 70 санитарни јазли, што би чинело околу 8 милиони евра. Се разбира дека тоа не може да се направи во еден момент и ќе потрае, но битно е дека сме почнале, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, за време на посетата на ова училиште.

Според министерката, важно е што локалната самоуправа и градоначалниците ја разбрале потребата, но и бенефитот од едносменското работење и што се вклучиле активно во спроведувањето на проектот.

-Апелирам до сите градоначалници и сите директори да се посветат на овој проект, бенефитот е мултифакторијален, ги опфаќа и учениците, родителите и наставниците и целото општество, рече Јаневска.

Таа информираше дека во околу 150 училишта во државата веќе е почната едносменската настава. Тоа, како што рече, е процес проследен со оптимизација на училишната мрежа.

-Задоволни сме од она што до овој момент се случува, ќе продолжиме и понатаму, додаде министерката.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, кој денеска го посети училиштето, изјави дека станува збор за четврто во низата училишта кои успеале просторно да ги обезбедат, за да може да функционираат во едносменска настава.

- Едносменската настава е клучот за подобар квалитет на образованието и за создавање на еднакви можности за сите ученици. Со поддршката на Министерството ќе продолжиме да работиме на проширување на капацитетите и подобрување на инфраструктурата во нашите училишта, додаде Стојкоски.

Тој истакна дека процесот на целосна имплементација на едносменската настава ќе бара дополнителни инфраструктурни инвестиции, вклучувајќи доградба на училници и санитарни јазли.

Градоначалникот информираше дека во ова основно училиште во моментов се реновираат подовите и вратите на девет училници, во изминатиот период се постави енергетски ефикасна фасада на училиштето, а во дворот на оваа образовна институција целосно беа реновирани двете игралишта, мултифункционалното со тартан подлога, додека фудбалското игралиште со вештачка трева. Истовремено, како што додаде, во подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром се гради целосно нова училишна спортска сала, инвестиција вредна околу 20 милиони денари.бт/лв/

Фото: МОН, МИА

Остани поврзан