• петок, 27 декември 2024
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Почнува годинашното издание на „Скомрахи“

Почнува годинашното издание на „Скомрахи“

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) – Со краткиот филм „Тага“, во режија на Тина Величковиќ, и дипломската театарска претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“, во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) денеска во Драмскиот театар – Скопје ќе биде отворено 31. издание на Меѓународните средби на студенти од драмските академии „Скомрахи“. 

Во рамки на манифестацијата, од 1 до 5 ноември на сцените на ФДУ ќе бидат прикажани осум театарски претстави и 25 филмови на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, Босна и Херцеговина, Турција, Црна Гора, Чешка. Иран и Германија.

Пред скопската публика ќе се претстават и домаќините - студентите на ФДУ. Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливиот СкомрахОФФ, музичка програма и забави во бифето на ФДУ.

-Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите скомраси. Како и во минатото, така и денес, тие продолжуваат да размислуваат и создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на овогодишното издание акцентот го ставаат и на своите „улоги“ во уметноста во новото време, што се одликува со се поголема „улога“ на вештачката интелигенција, велат од ФДУ.

Целата програма на средбите е објавена на социјалните мрежи и на веб-страницата на ФДУ, а публиката е добредојдена со бесплатен влез за сите настани.вј/хс/

Фото: ФДУ

Остани поврзан