• понеделник, 23 декември 2024

Почна тридневниот скриниг по Поглавјето 11 - „Земјоделство и рурален развој“

Почна тридневниот скриниг по Поглавјето 11 - „Земјоделство и рурален развој“

Брисел, 16 октомври 2023 (МИА) – Во Брисел денеска започна тридневниот билатерален скрининг за Поглавјето 11 - „Земјоделство и рурален развој“, кој е дел од Кластерот 5 - „Ресурси, земјоделство и кохезија“, на кој присуствуваат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и заменик главниот преговарач на земјава со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Дрита Абдиу Халили. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Поглавјето 11 опфаќа голем број обврзувачки правила, кои во најголем дел се директно применливи и се однесуваат на нивно ефективно спроведување и контрола од страна на јавната администрација, како неопходен дел од функционирањето на заедничката земјоделска политика на ЕУ.  

Министерот Николовски во воведното излагање пред претставниците на Европската комисија од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој и од Дирекцијата за добрососедство и проширување, ги претстави најновите законски решенија, постоечката законска рамка, институционалните капацитети, како и можностите и предизвиците со кои се соочуваат македонското земјоделие и руралниот развој. 

Државната секретарка Абдиу Халили изрази благодарност до Еврокомисијата за досегашната поддршка во развојот на македонското земјоделство и рурален развој, нагласувајќи дека земјава е лидер во регионот што се однесува до искористувањето на фондовите од ИПАРД програмата. 

- Горди сме што го потпишавме Финансискиот договор за Програмата ИПАРД 3 на почетокот на октомври. Покрај тоа, реализацијата на ИПАРД 2 Програмата е над 98 отсто. Ова ни дава поттик и надеж дека ќе имаме 100-процентна реализација на ИПАРД 3 Програмата, истакна Абдиу Халили. 

Таа потсети дека првиот јавен повик за ИПАРД 3 е веќе објавен, со што земјава ќе биде првата држава во регионот што ќе започне со спроведување на новиот ИПАРД програмски период. 

Дел од македонската делегација на овој скрининг, покрај претставниците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое е носител на ова поглавје и на СЕП, се и претставници од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Државниот земјоделски инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државната комисија за спречување на корупцијата. 

Билатералниот скрининг за Поглавјето 11 продолжува утре и в среда, при што ќе биде презентиран напредокот на земјата и нејзините мерки за зајакнување на домашниот земјоделски пазар. 

Според СЕП, во изминатиот период земјава работеше на транспозиција на релевантното законодавство на ЕУ, како и на зајакнување на административните и оперативни капацитети, при што е усвоена и Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година, која е во согласност со Заедничката земјоделска политика на ЕУ за периодот 2023 -2027. сп/бак/

Фото; СЕП

Остани поврзан