• понеделник, 23 декември 2024

Почна со работа градинка во кавадаречко Дреново 

Почна со работа градинка во кавадаречко Дреново 

Кавадарци, 3 јуни 2024 (МИА) - Започна со работа детската градинка  „Бамби" во селото Дреново, во состав на ЈОУДГ Рада Поцева, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- Претходно беше извршена реконструкција и адаптација на самиот објект, хортикултурно беше уреден и целиот двор, а потоа и целосно беше опремена градинката. Сето тоа за подобри услови за живот во Кавадарци, се наведува во соопштението.  

Со ова, Дреново доби простор за најмладите во рамки на кавадаречката градинка. 

При посетата на објектот во март оваа година, министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски рече дека заедно со Општина Кавадарци се работи на тоа да биде згрижено секое дете. Објектот во селото е реконструиран и адаптиран од локалната самоуправа, а опремата е финансирана од Министерството за труд и социјална политика, информира тој и нагласи дека вакви проекти ќе се поддржуваат и во иднина. 

Градоначалникот Митко Јанчев посочи дека ова е трет клон на градинка, што се отвора во село, во општината Кавадарци. Тој нагласи дека дечињата ќе ги имаат сите услови што им се неопходни, за успешно спроведување на предучилишното воспитание и образование. Јанчев информираше дека биле вложени околу три и пол милиони денари за пренамена на објект и партерно уредување. свд/цр

Фото: Фејсбук на градоначалникот Митко Јанчев

Остани поврзан