• четврток, 14 ноември 2024

Почна седмото издание на „Охрид трчаТ“

Почна седмото издание на „Охрид трчаТ“

Охрид, 4 јуни 2023 (МИА) - Скоро 2.000 натпреварувачи тргнаа од целта на „Кеј Македонија“ на седмото издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“.

Тркачите, во машка и женска конкуренција, ќе се натпреваруваат на полумаратон од 21 километар, штафетна и пет километарска трка.

Горан Момироски од прес-службата на „Охрид трчаТ“ информира дека трката на 21 километар во индивидуална конкуренција и штафети, стартувала точно во 8 часот и 30 минути, а пет минути подоцна, според планираното почнала и трката на 5 километри.

- На седмото издание на „Охрид трча“ учествуваат близу 2.000 натпреварувачи од 28 земји. Наградниот фонд за победниците на 21 километар е 300, 200 и 100 евра во машка и женска конкуренција. Тие ќе добијат и бисери од Филеви, истакна Момироски.

За реализација на настанот ангажирани се над 250 волонтери, а за регуларноста на трката ќе се грижат 50 судии. Осум медицински екипи ќе се грижат за учесниците на пунктови, а ќе има и мобилни медицински екипи на велосипед. Долж трката ќе бидат поставени 12 освежителни пункта.

Штафетниот полумаратон и трката на 21 километар ќе трчаат два круга од кеј „Македонија“ по улиците „Македонски Просветители“, и „Партизанска“, се врти лево кај Гимназијата, по улицата „Димитар Влахов“ повторно се излегува на „Македонски Просветители“, па на булевар „Туристичка“, лево кон Горна Порта, по „Илинденска“ се спушта надолу, по Кејот и се продолжува до кружниот тек пред плажата „Горица 2“. Се враќаат назад, преку мостот кај хотел „Ројал“, се врти десно и се оди повторно кај Гимназија. Се врти уште еден таков круг и третиот пат се оди на финиш, по „Димитар Влахов“ на „Македонски Просветители“ до целта на Кеј.

Поради непречено одвивање на трките, низ дел од охридските улици има времен сообраќаен режим до 11 часот и 30 минути. Затворени за сообраќај се улиците „Кеј Македонија“, „Македонски Просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Туристичка“, „Абас Емин“, „Кирил и Методиј“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, „Св. Наум Охридски“ и патеката Студенчишта. сс/бак/

Фото МИА

Остани поврзан