Почна регистрацијата на гласачите на албанската дијаспора за парламентарните избори, за неколку часа аплицирале околу 500 лица
- Денеска почна процесот за регистрација на албанската дијаспора за гласање на парламентарните избори што ќе се одржат на 11 мај.
Тирана, 11 јануари 2025 (МИА) – Денеска почна процесот за регистрација на албанската дијаспора за гласање на парламентарните избори што ќе се одржат на 11 мај.
Претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК), Илирјан Челибаши, преку видео запис ги појасни деталите во врска со апликацијата на платформата за електронска регистрација (PER), на која ќе може да се пријавуваат до 6 март.
- На веб страната на ЦИК има посебна опција која им овозможува на сите Албанци кои живеат во странство да се регистрираат преку компјутер или мобилен телефон. Секое лице мора да создаде сметка во системот, користејќи телефонски број или „е-пошта“, како и лични податоци, како датум и место на раѓање, матичен број и адреса на живеење во странство, објасни меѓу другото Целибаши.
Додаде дека во рок од 5 дена од апликацијата ЦИК ќе го информира пријавеното лице дали неговото барање било прифатено или одбиено. Во случај на одбивање, гласачот ќе биде информиран што згрешил и ќе му се даде можност повторно да се пријави.
На прифатените пријавени лица ќе им бидат доставени гласачки ливчиња по пошта, кои на ист начин треба да ги вратат до ЦИК, каде посебна комисија ќе ги пребројува гласовите.
Според податоците што ги објави ЦИК за неколку часа се пријавиле околу 500 иселеници најмногу од Германија, Италија, Велика Британија и Грција.
Со измените и дополнувањата на изборниот законик, албанската дијаспора ќе може да гласа од земјата каде што работат и живеат, за првпат на претстојните, 11 по ред парламентарни избори. вт/
Фото: ЦИК