• петок, 22 ноември 2024

Почна процес за креирање нова национална стратегија на лицата со попреченост

Почна процес за креирање нова национална стратегија на лицата со попреченост
Скопје, 12 април 2022 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика ќе биде носител на креирање концепт за нова Национална стратегија за лицата со попреченост на Република Северна Македонија за наредните седум години.
Владината прес-служба соопшти дека денеска се одржал прв работен состанок за креирање на Стратегијата, со кој претседавал Спасе Додевски, надворешен советник за унапредување на образованието, здравствената и социјалната заштита, институционалниот систем на лицата со попреченост и претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
На состанокот присуствувале претставници на МТСП, Германската асоцијација за меѓународна соработка (ГИЗ) и претставници од агенциите на Обединетите нации во земјава.
- Носител на оваа активност е Министерството за труд и социјална политика, додека Националното координативно ќе биде задолжено за координација и фасилитирање на целиот процес, а ГИЗ и агенциите на ОН ќе бидат техничка и финансиска поддршка на целиот процес. Новата национална стратегија ќе се изработува низ широк дијалог со претставниците на граѓанските организации на лицата со попреченост и самите лица со попреченост со што ќе се почитува принципот „Ништо за нас без нас“, информира прес-службата на Владата.  Присутните на состанокот ја потенцирале заложбата заеднички да се обезбеди мултисекторски, мултидисциплинарен и холистички пристап при што лицата со попреченост и нивните потреби ќе бидат во центарот на вниманието. Советникот во МТСП Душан Томшиќ истакнал дека по прашање на правата на лицата со попреченост отпочнат е процес на големи промени во нашата држава и дека со новата стратегија се очекува да одиме чекор понапред – од видови и категории на попреченост при остварување на правата да се помине кон функционална проценка и индивидуализација на поддршката. Сето ова, според него, ќе влијае врз форматот и содржината и на легислативата која ги опфаќа лицата со попреченост и сите понатамошни документи што се однесуваат на оваа популација. - На состанокот заеднички беше оценето дека во наредниот период ќе отпочне широка дебата во која ќе се слеваат сознанијата и експертизата на голем број странски и домашни организации, а во која клучна улога ќе имаат лицата со попреченост, со цел да се добие квалитетен документ од кој најголемиот бенефит ќе го има оваа популација, се наведува во соопштението на Владата. хс/лв/

Остани поврзан