• вторник, 24 декември 2024

Почна Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-За Балкан“

Почна Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-За Балкан“
Скопје, 20 септември 2021 (МИА) - Писателот не може самиот да каже дека е писател, тоа треба други за него да го кажат. Пишувањето е религија, не е работа. Ако не пишувам секој ден, како да не дишам. Сакам литературата да биде универзална. Тоа значи дека една книга треба да ја разберат сите луѓе. Ова го истакна романскиот книжевник Мирча Картареску на отворањето на деветото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-За Балкан“, кој од синоќа на едно место ги обедини едни од најактуелните и најчитани автори од Романија, Хрватска и од нашата земја. - Многу сум среќен што сум поканет на овој значаен фестивал. На прашањето дали јас сум од Балканот, да, јас така се чувствувам, не само географски. Јас сум човек од Балканот и тоа го сакам. Писателот не може самиот да каже дека е писател, тоа треба други за него да го кажат. Пишувањето е религија, не е работа. Ако не пишувам секој ден, како да не дишам. Сакам литературата да биде универзална. Тоа значи дека една книга треба да ја разберат сите луѓе. Универзалната литература е слоевита и во неа секој читател ќе пронајде нешто. Интересно е што во времето на комунизмот во Романија народот беше „осуден“ да чита само класици – Шекспир, Сервантес, зашто не се дозволуваа нови автори. Апсурдно е да се каже, но нашите родители и необразовани ги читаа овие автори, оти тогаш немаа телевизија, интернет... – рече Картареску кој е лауреат на годинешното издание на фестивалот. Како што соопштуваат организаторите, на првата фестивалска вечер што се одржа во Даут-пашиниот амам, писателите Ермис Лафазановски, Александар Прокопиев и Владимир Јанковски го претставија творештвото и разговараа со Мирча Картареску, Јоана Николае, Миљенко Јерговиќ, Анте Томиќ и со Оливера Ќорвезироска. За творештвото на лауреатот Картареску зборуваше Лафазановски. Тој со задоволство истакна дека авторот му е пријател, иако сега прв пат се среќаваат, но дека тоа станал благодарение на неговите дела. Јоана Николае е авторка на книги за деца, но и за возрасни. Нејзините книги се преведени на повеќе јазици и се наградувани. -Пишувам за деца, зашто и самата сум дете. Растев во семејство со 12 деца и секогаш имаше многу приказни. Многу се радувам што првиот јазик на кој е преведена мојата книга „Фербонија“ е токму на македонски, вели Николае. Авторката Оливера Ќорвезироска вели моето пишување е како љубовна врска со јазикот – се скаруваме, па се смируваме. -Јас не верувам во книжевност без автобиографија и биографија. Секогаш тргнувам од мала јатка на вистината, а потоа може вистината и да оди по ѓаволите, рече Ќорвезироска. Јанковски ја истакна нејзината книга „Улиците што ги нема“, во која таа поместува 33 раскази, според исто толку улици што добија нови имиња пред десетина години. Миљенко Јерговиќ се наврати на своето детство, кога многу читал и книгите му биле вид бегство од тоа што се случувало надвор. -Се дружев со книгите и со неколку стари луѓе, кои секогаш имаа добри приказни. Се трудев да не дојдам во контакт со лоши врсници, а и со родителите. Читачкото искуство е најважно. Јас се обидувам да пишувам против времето, рече тој. Анте Томиќ се потсети кога пред десетина години биле во посета на Скопје, кога посебно ù се израдувал на Старата скопска чаршија и сè што таа носи со себе. Таа слика многу му помогнала во инспирацијата за сценариото на филмот „Караула“. Филмот „Устав на Република Хрватска“ што Рајко Грлиќ го сними според негово сценарио, ќе биде прикажан вечерва во 20 часот во летното кино на Кинотеката. За филмот ќе зборуваат Миљенко Јерговиќ, Александар Прокопиев и Анте Томиќ. Претходно денеска во 13 часот во Europe House Skopje ќе се организира дебата на тема „Литературата во време на пост-вистина“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Модератор ќе биде Владимир Јанковски. Потоа ќе следува средба на членовите на „Скопје fellowship“ програмата со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Поддржувачи на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ се: „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, амбасадата на Романија, Спона, Кинотека. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Прозарт медиа“. вг/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан