• среда, 05 март 2025

Почна изградба на детски катчиња во урбани и рурални средини во Куманово

Почна изградба на детски катчиња во урбани и рурални средини во Куманово

Куманово, 5 март 2025 (МИА) - Почна изградбата на детско катче во населбата „Перо Чичо“ во Куманово, соопштија денеска од локалната самоуправа. Ова е едно од петте детски катчиња  кои ќе се изградат наредниот период како и едно спортско игралиште во близина на основно училиште во населбата „Карпош“. Од општинскиот буџет за оваа намена одвоени се речиси 15 милиони денари.

- Предвидена е изградба на пет детски катчиња и на едно спортско игралиште. Досега немало детски катчиња и простор за рекреација на овие локации, во населбите „Перо Чичо“, Зелен Рид“, на улицата „Тоде Думба“ и игралиште за младите во населбата Карпош, изјави претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Предвидена е и изградба на две игралишта на кејот, од кои едното ќе биде инклузивно, второто ќе биде лоцирано на  самиот почеток на кејот. Граѓаните во неколку наврати бараа да се постават детски катчиња во населбите и во поширокото централно градско подрачје.

- Годинава одвоени се речиси 15 милиони денари за изградба на детските катчиња и на игралиштето. Избрана е компанија од Скопје, изјави Момчило Јовановски, од секторот за комунални дејности на општина Куманово.

Пред две години општината изгради четири детски катчиња во рурални средини. Тогаш беа одвоени над 4, 7 милиони денари.Во Куманово има неколку детски катчиња, но урбаната опрема, речиси секаде е уништена, особено на градскиот кеј и кај Соколана каде пак во тек е изградба на паркот. ам/са/

Фото: Општина Куманово

Остани поврзан