Почна градбата на нови простории на Црвен крст во Кавадарци
- Претседателот на општинската организација на Црвен крст Кавадарци, Димитар Каракулев информира дека изградбата на нови простории чини околу седум милиони денари, финансирана е од Црвениот кр
Кавадарци, 14 септември 2022 (МИА) - Започна изградбата на нови простории на Црвен крст во Кавадарци, по пожарот во кој изгоре постоечкиот објект во мај оваа година.
Претседателот на општинската организација на Црвен крст Кавадарци, Димитар Каракулев информира дека изградбата на нови простории чини околу седум милиони денари, финансирана е од Црвениот крст, кавадаречката и росоманската локална самоуправа, како и компании од двете општини.
Тој се осврна на активностите и проектите што ги спроведува хуманитарната организација. Каракулев потсети дека минатата година, кавадаречката организација која ја сочинуваат крводарители од двете општини, беше на прво место во државата, по број на доброволни крводарувања.
Градоначалниците на Кавадарци и Росоман, Митко Јанчев и Стојан Николов, потенцираа дека Црвениот крст ја има поддршката на двете локални самоуправи.
Генералниот секретар на републичкиот Црвен крст, Саит Саити, меѓу другото, се заблагодари за поддршката што ја добиваат од градоначалниците на двете општини. свд/цр