• петок, 22 ноември 2024

Почна втората фаза од вакцинирањето во руралните населби во Кочанско

Почна втората фаза од вакцинирањето во руралните населби во Кочанско
Кочани, 23 септември 2021 (МИА) - Од денеска почна втората фаза од вакцинирањето против Ковид-19 со теренски медицински екипи за жителите на руралните населени места во кочанскиот регион. Од Општата болница со проширена дејност од Кочани потврдија дека вакцинацијата продолжува со вообичаеното темпо, а излегувањето на терен на мобилните тимови ќе биде за давање на втората доза. - Со оглед што голем дел од жителите и во соседните општини Зрновци и Чешиново -Облешево веќе се вакцинирани, втората доза тие ќе ја примаат според истиот редослед на населени места, како и првиот пат. Воспоставен беше добар систем на вакцинирање, што се покажа како функционален и ефикасен, па нема потреба да се прават некакви промени. Всушност, со второто излегување на терен ќе се обезбеди ревакцинацијата за граѓаните кои ја примија првата доза, а ако има заинтересирани кои сè уште не примиле никаква заштита со вакцина, неа ќе ја добијат, истакна директорот на болницата, Александар Серафимов. Теренската вакцинација ќе се реализира во наредните десетина дена. Таа е доброволна и бесплатна поради што од кочанската болница ги повикаа граѓаните да го остварат правото на заштита од Ковид-19. Во моментот лекарска помош и грижа во Општата болница се обезбедува за вкупно 15 пациенти, од кои шестмина се со полесна клиничка слика и се водат како дневни случаи. Останатите деветмина се хоспитализирани на Ковид одделот на Интерното одделение, а од нив петмина добиваат кислородна поддршка. Карактеристично е што активните пациенти не се целосно вакцинирани, односно само двајца ја примиле првата доза од вакцината. та/мд/

Остани поврзан