• петок, 05 декември 2025

Почина оперската певица Милка Ефтимова

Почина оперската певица Милка Ефтимова

Скопје, 14 август 2025 (МИА) - На 89-возраст денеска почина оперската примадона Милка Ефтимова (1936-2025), доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.

Националната опера и балет објави дека во нејзината  долготрајна, богата и плодна кариера, Ефтимова отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.

-Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам, таа ги креираше Орфеј во „Орфеј и Евридика", Ацучена во „Трубадур", Еболи во „Дон Карлос", Сузуки во „Мадам Батерфлај", Марфа во „Хованшчина", Улрика во „Бал под маски" и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на „Кармен". Од оперската сцена јубилејно се прости токму со „Кармен“ на 6 ноември 1991 година, соопшти Операта. 

Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009) и со Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).

Ефтимова ќе биде погребана на 16 август во 11 часот на гробиштата во Радовиш. хс/дма/

Фото: Национална опера и балет 

Остани поврзан