• понеделник, 23 декември 2024

Почина актерката Снежана Стамеска

Почина актерката Снежана Стамеска

Скопје, 8 септември 2024 (МИА) – На 79 годишна возраст денеска почина актерката Снежана Стамеска, соопштија од Драмскиот театар Скопје.

Стамеска беше првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште. Дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970 година и од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010, Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи.

Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Снежана Стамеска ја стекна во одумдесетите и деведесетите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во Солунски патрдии (1979), Вера во Диво месо (1979), Сина во телевизиската серија Трст виа Скопје (1987), Вера во Среќна Нова '49 (1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985). 

Посмртните останки на актерката Снежана Стамеска ќе бидат изложени утре на 9 септември од 10 часот во капелата на гробиштата Бутел, по што ќе се изврши погребот. ра/нд/

Фото: Драмски театар Скопје

 

Остани поврзан