• недела, 22 декември 2024

Почина актерката Сабина Ајрула Тозија

Почина актерката Сабина Ајрула Тозија

Скопје, 10 август 2021 (МИА) - На 75 годишна возраст вечерва во Скопје, по кратко боледување почина актерката Сабина Арјула Тозија.

Ајрула Тозија е родена во Скопје на 17 април 1946 година. Својот работен стаж го почна во Драмскиот театар-Скопје каде што се вработи во 1967 година по завршувањето на средното образование во Економското училиште „Моша Пијаде“ во Скопје.

Покрај во Драмскиот театар - Скопје, Ајрула - Тозија играше и во други театри низ Македонија, како и во независни театарски продукции.

Остави силен печат на македонската театарска сцена преку улогите во претставите Болва во уво од Жорж Фејдо, Гертруда во Хамлет од Шекспир,  Дамите од Аламо од Пол Зиндел, Хекуба во Орест од Еврипид и многу други.

Повозрасната македонска публика ја памети во улогата на Фатиме во Солунски патрдии, телевизиска серија на Миле Попоски во режија на Коле Ангеловски снимена во 1985 година. Но и помладите генерации ја запознаа актерската игра на Ајрула-Тозија преку телевизиската серија Зоки Поки снимена по истоимената книга на писателката Оливера Николова. Во оваа серија, која почна со снимање во 2019 година, Ајрула Тозија преку ликот на баба Оле успеа да им се приближи и на младите генерации гледачи.

Ајрула Тозија глумеше и во многу македонски филмови снимени од крајот на шеесетите години, до неодамна. Меѓу првите филмови во кои глумеше македонската актерка е Време без војна, филм сниман во 1969 година.  Во нејзиниот актерски опус се запишани и филмовите Црвениот коњ, Тетовирање, Ангели на отпад, Сенки и многу други.

Последните години Ајрула Тозија беше ангажирана во турската филмска индустрија. По улогата на Афи¬фе Ха¬тун во популарната турска серија Сулејман Величествениот, таа играше и други улоги на тамошната сцена. Меѓу последните беше ТВ серијата Ескија каде го играше ликот на Хајрије Чакирбејли.са/

Остани поврзан