• понеделник, 23 декември 2024

Почина академик Глигор Каневче (1946-2024)

Почина академик Глигор Каневче (1946-2024)

Скопје, 18 август 2024 (МИА) - Во 78. година од животот, вчера почина академик Глигор Каневче (1946-2024), редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, и експерт од областа на термодинамиката.

МАНУ во Ин Мемориам за академик Глигор Каневче, наведува дека е роден на 3 јануари 1946 година во Охрид. На Машинскиот факултет во Белград дипломирал во 1969 година. Докторирал на Технолошкиот факултет во Нови Сад во 1982 година. Работел во Институтот „Борис Кидрич – Винча“ од 1970 до 1983 година и како асистент на Машинскиот факултет во Белград од 1975 до 1980 година. Во периодот од 1983 до пензионирањето во 2011 година работи како професор на Техничкиот факултет во Битола. Од 1995 до 1997 година е декан на споменатиот факултет. Во 2013 година е избран за прв Професор емеритус на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година, а од 2012 година е раководител на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ.

Научниот опус на академик Каневче претставува комбинација на теоретски, експериментални и апликативни истражувања, кое резултирало со над 200 научни и стручни трудови во земјата и во странство и со реализација на стратешки проекти од национален и меѓународен карактер. Забележлива е и неговата пионерска улога во организирање на научни истражувања, докторски и магистерски студии и подигање млад научен кадар. За спроведување на експериментите има реализирано поголем број апаратури со соодветни мерни системи. Голем е бројот и на експериментите спроведени на реални објекти. Резултатите од експериментите се вградени во развојот на соодветните физички и математички модели.

Неговото обемно научно дело навлегува во подрачјето на фундаменталните истражувања во повеќе области. Од посебно значење се резултатите од неговите теоретски и експериментални истражувања на процесите на сушењето и инверзните проблеми. Преку Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, академик Каневче истражуваше во подрачјето на енергетиката, нејзиното влијание на околината и одржливиот развој.

Академик Каневче иницираше, раководеше и учествуваше во реализацијата на поголем број научноистражувачки и апликативни проекти и остварува богата меѓународна соработка. Беше член на меѓународни и домашни научни совети, комитети и друштва, редакции и организациони одбори на списанија и симпозиуми. Од 2007 до 2013 година е претседател на Македонскиот национален комитет на Светскиот совет за енергија. Академик Каневче беше основач на Ротари клуб Битола и еден од основоположниците на Ротаријанството во Македонија.

-Академик Каневче беше полн со чесност, несебичност и одлучност; точен до степен на педантност во службата, а одмерен во општеството. Неговиот благороден лик ќе остане во трајно сеќавање не само кај неговите блиски, кои неизмерно го сакаа и почитуваа, туку и кај сите негови соработници, другари и пријатели, наведуваат од МАНУ.

Посмртните останки на академик Глигор Каневче ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид на 19 август 2024 година од 12:00 до 12:30 часот.

По повод смртта на акад. Глигор Каневче, Македонската академија на науките и уметностите ќе одржи Комеморативна седница на 24.09.2024 година, во 12 часот. вг/дма/

Фото: МАНУ

Остани поврзан