• недела, 22 декември 2024

Потребен ни е претседателски кандидат кој ќе ги споделува вредностите на мнозинството граѓани за членство во ЕУ, смета Спасовски

Потребен ни е претседателски кандидат кој ќе ги споделува вредностите на мнозинството граѓани за членство во ЕУ, смета Спасовски

Брисел, 28 ноември 2023 (МИА) - За мене е многу важно да се утврди кандидат за претседател на држвата кој, пред се, ги споделува вредностите на мнозинството граѓани кои се за нашето членство во ЕУ, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА во Брисел во однос на можноста за заеднички претседателски кандидат на владината коалиција.

- Врз основа на тоа да избереме навистина одличен кандидат, којшто би бил и одличен претседател на државата. Така што, знаете личните амбиции, личните комбинаторики во овој момент се неважни. Важно е каде ќе се движи државата и што ќе им понудиме како иднина на граѓаните, нагласи Спасовски.  

Во однос на можноста тој да биде претседателски кандидат, Спасовски потенцира дека процесот на кандидирање воопшто не е ни започнат и оти во овој момент тој воопшто не размислува во тој правец.

- Апсолутно сметам дека мора да се договориме на ниво на принципи за секој следен чекор којшто е пред нас, вели Спасовски.

Тој вели дека истакнувањето на заеднички претседателски кандидат на „проевропскиот фронт“ би претставувало една дополнителна вредност за самата држава и за нејзиниот напредокот, затоа што е многу важно кој концепт ќе ја предводи земјата во наредниот период. 

- Дали тој проевропски фронт, којшто има јасна визија, којшто знае каде треба да се движи Република Северна Македонија и која е нашата цел, бидејќи навистина нема алтернатива на европскиот пат. Ако имаше до сега, ќе се соопштеше некаква нова алтернатива. И имаме една опозициска партија, која што практично е осамена во напорите, бидејќи нема јасна визија во целиот овој процес, потенцира Спасовски.

Според него, вреди да се разговара на сите овие теми и да се створи што е можно поголем фронт, којшто би поддржал една проевропска идеја. 

- Нормално тука се разговара за кандидатот за претседател и за настапот на парламентарните избори. Значи има опции, тие опции треба да се анализираат, да се разгледаат и тоа што е најдобро пред се за државата, да биде и на изборите, истакна министерот за внатрешни работи.

Во врска со можниот датум за претседателските и парламентарните избори, Спасовски посочува дека има законски рокови за нивно одржување, а пред тоа се преговара помеѓу политичките субјекти за внесување на сите забелешки од страна на ОБСЕ/ОДИХР на Изборниот законик, со цел да се отстранат сите слаботи и изборниот процес да протече на еден фер и демократски начин. 

- Секако дека во рамките на целиот тој процес, има разговори помеѓу политичките субјекти. Така што, верувам дека кога ќе се донесат одлуките, тие ќе се соопштат на јавноста... Важно е да имаме фер, демократски избори, избори коишто ќе овозможат граѓаните да донесат одлука за тоа каде ја гледаат Република Северна Макединија во наредниот период, истакна Спасовски, кој денеска во Брисел учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалниот сојуз за борба против криумчарењето на мигранти во организација на Европската комисија.

Интегралното интервју со министерот Спасовски, МИА ќе го објави подоцна вечерва. сп/лв/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан