Потпишан Меморандум за соработка помеѓу „Меѓаши“ и здружението „Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“
- Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска потпиша Меморандум за соработка со новоформираното здружение на граѓани „Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“.

Скопје, 25 март 2022 (МИА) - Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска потпиша Меморандум за соработка со новоформираното здружение на граѓани „Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“.
Соработката ќе биде насочена кон овозможување децата да го остварат нивното основно право на континуирано присуство на двајцата родители во нивниот живот, растење и воспитување.
Покрај потпишувањето на Меморандумот, беше одржана и прес-конференција на којашто амбасадата и здружението говореа за проблемите со кои голем број деца се среќаваат при бракоразводните постапки на нивните родители, особено фактот дека се поголем број деца се предмет на родителско отуѓување.

На прес конференцијата се говореше за најчестите примери на девијации кои се јавуваат кај децата кои се предмет на конфликтни разводи и зошто е добро да се воведе заедничко родителство, за што образложи прим д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ од Институт Алтернатива.
За крај, Клементина Добревска, психолог и координаторка на АлоБушавко -Телефонот за деца и млади апелираше до сите родители, мајки и татковци во време на развод да останат разумни, да ја тргнат себичноста на страна и да не влегуваат во војна со своите поранешни партнери, во најдобар интерес на децата, бидејќи нивните проблеми оставаат трага и несакани последици кај нивните деца. ки/ац/