• понеделник, 23 декември 2024

Потпишан Меморандум за разбирање меѓу МАРРИ и Регионалната антикорипциска иницијатива

Потпишан Меморандум за разбирање меѓу МАРРИ и Регионалната антикорипциска иницијатива

Скопје, 15 јуни 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во рамки на Преспа Форумот за дијалог што се одржува во Струга потпиша Меморандум за разбирање, во име на Претседателството на земјава со Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) и со Регионалната антикорипциска иницијатива (РАИ). Воедно, Спасовски оствари билатерална средба со директорката на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Ејми Поуп.

- Препознавајќи ја важноста на регионалната соработка и зајакнувањето на партнерствата помеѓу регионалните организации посветени на процесот на пристапување во Европската Унија и за промовирање на доброто владеење, стабилност и безбедност, како и социјален и економски развој во Југоисточна Европа, а со оглед на на мандатот и достигнувањата на МАРРИ водени од принципот на сеопфатност, како фокусна точка за регионална соработка во секторите на миграција, азил и бегалци за сите учесници на МАРРИ, како и мандатот и достигнувањата на РАИ како водечки регионален антикорупциски платформа посветена на зајакнување на капацитетите на јавниот сектор и граѓанското општество во нивните антикорупциски напори, беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу двете организации, а со цел унапредување на регионалната и меѓународната соработка за спречување и борба против корупцијата и трговијата со луѓе, односно градење силно партнерство кое ќе генерира синергија и ќе го подобри споделувањето на знаење и експертиза, како и да избегне дуплирање и преклопување на активностите, се наведува во соопштението од МВР.

Меморандумот за разбирање, во име на македонското Претседателство со МАРРИ, беше потпишан од страна на министерот Оливер Спасовски, директорот на Регионалниот Центар на МАРРИ, Сашко Коцев, а од страна на РАИ беше потпишан од Лаура Стефан, Претседавач со РАИ, како и Десислава Гоцкова, началник на Секретаријатот на РАИ.

За време на билатералната средба со новата директорка на ИОМ, Ејми Поуп, министерот Спасовски, како што информираат од МВР, ја посочи веќе етаблираната соработка, со уверување дека истата ќе продолжи со несмален интензитет. Тој се заблагодари за континуираното присуство на претставниците на Меѓународната организација за миграции кои директно се присутни на македонско-грчката граница.

Двајцата соговорници, како што е наведено во соопштението, се согласија дека стабилната безбедносна состојба на границите се должи на посветеноста кон раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, спречување на криумчарењето на мигранти, сузбивање на криминални групи кои вршат криумчарење, идентификација на потенцијални жртви на трговија со луѓе и ранливи категории на лица меѓу мигрантите.

- Воедно, беше потенцирано дека заедничкиот пристап на засегнатите земји кој ќе вклучува оперативна соработка, како и поддршка во зајакнување на националните капацитети, е клуч за успех во делот на миграциите, стои во соопштението од МВР.

Министерот Спасовски потсети и на ,,Министерската конференција за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан“ која беше реализирана во периодот од 15-16 ноември 2022 година во Скопје, а во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Чешка Република со поддршка од ИОМ – Меѓународната организација за миграција, а со цел да се опфатат сите теми кои ги засегаат земјите од Западен Балкан и меѓународните организации за создавање подобра синергија помеѓу земјите за справување со миграцијата.

На крајот од средбата двајцата соговорници уште еднаш ги потврдија заедничките заложби за продолжување на заедничките проекти, со уверување дека и во иднина соработката ќе се продлабочува во насока на поддршка во јакнењето на националните капацитети. дма/сп/

Фото: МВР

Остани поврзан