Потпишан договор за изработка на физибилити студија и основен проект за изградба на логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и консултантското партнерство составено од ИРД инженеринг, АГТ Италија и Градежниот институт Македонија (ГИМ) денеска потпишаа договор за ангажирање на консултантска фирма за изработка на физибилити студија и основен проект за изградба на логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје.
Скопје, 27 октомври 2023 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и консултантското партнерство составено од ИРД инженеринг, АГТ Италија и Градежниот институт Македонија (ГИМ) денеска потпишаа договор за ангажирање на консултантска фирма за изработка на физибилити студија и основен проект за изградба на логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје.
Договорот во износ од 774.768 евра во првата фаза предвидува избор на соодветна локација и целокупно урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки бизнис план, проценки на влијанието на животната средина и социјалните аспекти, како и прирачник кој ќе ги содржи операциите на платформата за изградба на објект кој ќе се простира на околу 30 илјади квадратни метри во кој ќе се процесуира околу 46 илјади тони овошје и зеленчук. Во втората фаза вклучува подготовка на главен проект, финализирање на проектирањето и планот за управување со животна средина и социјалните аспекти, како фаза која ќе го отвори патот за добивање на потребните градежните дозволи. Средствата за изградба на платформата веќе се обезбедени преку Проектот на МЗШВ за модернизација на земјоделството со вкупен буџет од 50 милиони евра од кои 46 милиони евра се заем од Светска банка, а четири милиони евра грант од ЕУ преку ИПА програмата на Министерството.
-Логистичко-дистрибутивната платформа не е само градежен капитален проект, туку е и симбол на посветлата иднина и пресвртница во развојот на македонското земјоделство. Како што ќе напредува во своите фази во наредниот период новата платформа ветува дека ќе го трансформира земјоделството правејќи го поконкурентно, одржливо и економски исплатливо, а ќе ја намали и сивата економија, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски по потпишувањето на договорот.

Тој нагласи дека станува збор за еден од најзначајните договори кој е дел од големиот проект за модернизација на земјоделството. Логистичко-дистрибутивната платформа, како што кажа, се очекува да вклучи пазар на големо, логистичка област со капацитети за суви и ладни складишта. На потрошувачите ќе им понуди висококвалитетни и безбедни производи. Воедно ќе обезбеди поголем и подобро организиран извоз на македонските земјоделски прехранбени производи и поголеми стандарди за производите. Ќе даде поголема сигурност и на едно место ќе ги поврзи сите земјоделци нудејќи им можност за пласман на производи.
-Овој договор е основа за првата логистичко-дистрибутивна платформа во земјава која ќе овозможи организирање и унапредување на снабдувањето со безбедни и свежи прехранбени производи, поедноставен пристап до пазарот за локална свежа храна и логистички и други услуги за домашниот земјоделско-прехранбен сектор. Платформата ќе биде поврзана и со Балканот и со Европа, посочи Николовски.
Појасни дека модернизацијата на производството се остварува преку ИПАРД програмите за кои земјава е лидер во искористување во регионот и преку модерни откупно-дистрибутивни центри. Покрај платформата во Скопје најави дека ќе се градат и откупни центри во Струмица и Ресен.
-Верувам дека со нивната изградба ќе се променат навиките, практиките и ќе ги поврзат сите земјоделци од целата држава со што ќе се подигнат стандардите на производството и на квалитетот на земјоделските производи. Со тоа ќе имаме сериозно влијание на пазарите во регионот и пошироко. Ќе бидеме земја која ќе одбере вистински модели како да се управува со овие модерни откупно-дистрибутивни центри, рече Николовски.
Изградбата на логистичко-дистрибутивна платформа е значајна капитална инвестиција, која заедно со изградбата на двата откупни центри во Струмица и Ресен имаат за цел да се олесни дистрибуцијата на храна и пристапот до пазарот на големо, како и поврзаноста со балканскиот регион. вј/нд/
Фото: МИА