• петок, 22 ноември 2024

Потпишан договор за изградба на нова детска градинка во Делчево

Потпишан договор за изградба на нова детска градинка во Делчево

Делчево, 7 септември 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, градоначалникот на Делчево Горан Трајковски и претставник од фирмата –изведувач АТРИУМ ДООЕЛ од Вевчани денеска го потпишаа Договорот за изградба на нова детска градинка во населбата Расадник во Делчево.

За Делчево изградбата на новата детска градинка е капитална инвестиција, инвестиција во раниот детски развој и прием на сите дечиња во претшколското образование, потенцираше градоначалникот Трајковски.

- Нема поубав подарок за своите сограѓани од почетокот на реализацијата на нов капитален проект за граѓаните, посебно кога проектот се однесува за најмалите и младите родители. На овој убав ден, кога Делчево одбележува 79 години од ослободувањето-го потпишавме Договорот за изградба на новата детска градинка во нас. Расадник со почитуваната министерка Тренчевска. Изразувам јавна благодарност до министерката Тренчевска и до МТСП за поддршката на Делчево на патот на неговиот развој и уште еднаш ќе потенцирам дека новата градинка ќе биде современ , уникатен објект кој ќе го краси Делчево, а неговата намена –да згрижува и воспитува дечиња од најмала возраст и ќе значи и анулирање на листата на чекање за прием во детската градинка. Ова е инвестиција во раниот детски развој. Нека е аирлија, порача Трајковски.

Министерката Тренчевска истакна дека согласно Проектот за изградба на градинката, се обезбедува опфат на 130 деца од предучилишна возраст. Односно шест групи со деца на возраст од две до пет години и две јаслени групи.

-Новоизградениот објект, организациски и функционално ќе биде дел од постојната Јавна установа  „Весели Цветови“, но ќе обезбеди независност во своето функционирање и вршење на својата основна дејност согласно законот. Имено, станува збор за изградба на современа градинка која ќе биде ефикасна како во поглед на енергетските трошоци и  нејзиното одржување, така и во поглед на извршување на нејзината функција, а тоа е да обезбеди соодветен безбеден простор за престој на децата каде ќе учат и развиваат нови животни вештини, истакна Тренчевска.

Таа додаде дека изградбата на новата детска градинка е дел од Програмата на Владата на Република Северна Македонија за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2023 година. Ова е уште една потврда за тоа колку е значајна соработката помеѓу централната и локалната власт. Општината најдобро ги знае потребите на своите жители и кога таа ги адресира нивните потреби, доаѓа до реализација на проекти од кои директна придобивка имаат граѓаните.

За перманентна поддршка на Општина Делчево во развојот на градот, а по повод Денот на ослободувањето на Делчево, градоначалникот Трајковски ѝ  додели Плакета на министерката Тренчевска.

Инаку, изградбата на детката градинка треба да започне деновиве, а рокот за завршување на работите е 16 месеци. Вредноста на работите е околу 60 милиони денари со ДДВ, обезбедени од комбинирани извори, од МТСП и од Општина Делчево. вс/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан