• петок, 22 ноември 2024

Потпишан договорот за пловечки фотоволтаици - ќе се произведува струја за да не поскапи водата за наводнување

Потпишан договорот за пловечки фотоволтаици - ќе се произведува струја за да не поскапи водата за наводнување

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Со грант вреден 765.158 евра од Кралството Шпанија, земјава ќе изготувува студија за поставување пловечки фотоволтаици. Целта е да се намалат трошоците за струја на АД „Водостопанство“ за пумпните станици и да не се дозволи да дојде до поскапување на водата за наводнување што ја користат земјоделците.

Договорот за грантот го потпишаа денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и претставниците од шпанската компанија „Глобалтек“ која треба да ја обезбеди техничката поддршка.

Соларните панели на вода, како што беше речено, имаат неколку придобивки, поефикасни се од оние што се поставени на земја, не зафаќаат земјоделски површини па парцелите може да се користат за производство и бесплатно произведуваат енергија која може да се употреби за пумпните станици за наводнување.

Реализацијата на проектот ќе биде во три фази. Со првата ќе се идентификуваат локациите за поставување на фотоволтаиците, втората е за концептот, дизајнот и физибилити студијата, а третата ќе биде фаза на поставување на фотоволтаичните системи.

Средствата од грантот се обезбедени преку Европскиот план за закрепнување, трансформација и отпорност, а поддржани од Министерството за индустрија, трговија и туризам на Шпанија.

-Производството на струја преку фотоволтаиците треба да помогне да се намалат трошоците за струја на АД „Водостопанство“ за пумпните станици. Струјата последните две години отиде многу високо и трошоците се многу големи. За да не се зголеми цената на водата како сулуга што им се дава на земјоделците, производството на оваа енергија ќе се користи како компензација на струјата, односно за цената на водата да остане непроменета, објаснија од МЗШВ по потпишувањето на Договорот. 

Според министерот Николовски, нема стабилно земјоделство без стабилен систем за наводнување, а вложувањето во водоснабдителни капацитети е еден од клучните приоритети на МЗШВ.

-Денешното потпишување на Договорот следува откако на 9 јануари 2024 година Владата ја усвои предложената информација од МЗШВ за обезбеден грант за подготовка на техничка студија за интеграција на пловечки фотоволтаични постројки во Националната мрежа за наводнување. Употребата на ваквата технологија, со поставување пловечки фотоволтаици, веќе се користи во неколку земји од Европа, како Шпанија и Белгија, а изведените пловечки соларни постројки се главно искористени во Секторот за наводнување и управувани од соодветните организации за наводнување, што му овозможува на земјоделскиот сектор да биде независен и поодржлив, истакна Николовски.

Шпанскиот амбасадор Хозе Луис Гарсиа рече дека не е прв пат Шпанија да обезбеди грант за Северна Македонија.

-Шпанија продолжува да ја поддржува модернизацијата на Северна Македонија. Тоа е јасен сигнал за силната врска меѓу двете земји, а може да се види и низ една поголема перспектива, а тоа е пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, истакна амбасадорот. мч/аа/

фото: МИА архива и принт скрин

 

Остани поврзан