• недела, 08 декември 2024

Постигнат коалициски договор во Литванија

Постигнат коалициски договор во Литванија

Вилнус, 11 ноември 2024 (МИА) – Литванските социјалдемократи, кои победија на парламентарните избори во земјата минатиот месец, денеска во Вилнус потпишаа трипартитен коалициски договор, во кој е вклучена контроверзната нова популистичка партија „Зората на Немунас“, чиј лидер е обвинет за антисемитски изјави.

Демократите од партијата „За Литванија“, која на изборите беше четврта, се третата партија во новоформираната коалиција. Во договорот потпишан претходно денеска беа распределени и најважните места во новиот кабинет.

Коалицијата ќе има 86 места во 141-члениот литвански парламент. Вклучувањето на „Зората на Немунас“ – спротивно на предизборните ветувања на социјалдемократите – доведе до силна огорченост и во земјава и во странство. Партијата комбинира леви и десни популистички идеи, забележува ДПА.

Основачот и лидер на партијата Зората на Немунас, Ремигиус Жемаитаитис, поднесе оставка од пратеничката функција во април, откако Уставниот суд пресуди дека ја прекршил заклетвата со поттикнување омраза кон Евреите на социјалните мрежи минатата година.

Во септември, на Жемаитаитис (42) му се судеше поради објавите на социјалните мрежи и беше обвинет за поттикнување антисемитска омраза и омаловажување на Холокаустот. Тој рече дека неговите објави не се антисемитски и негираше каква било злоупотреба.

Жемаитаитис нема да има функција во новиот кабинет.

Критики за „Зората на Немунас“ упатија претставници на Израел, САД и Германија, а за четврток е планиран митинг во Вилнус во знак на протест против вклучувањето на партијата во новиот парламент.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот Михаел Рот, дел од Германската социјалдемократска партија (ГСДП), на Х напиша дека сојуз со антисемитска партија не е во согласност со „нашите вредности“. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан