• четврток, 26 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Португалски европратеник бара суспензија на Договорот за соработка ЕУ-Израел 

Португалски европратеник бара суспензија на Договорот за соработка ЕУ-Израел 

Брисел, 17 април 2025 (МИА) – Португалскиот европратеник Жоао Оливеира поднесе Предлог-резолуција до Европскиот парламент со која се бара Европската Унија да го суспендира договорот за соработка со Израел, како одговор на израелските напади врз цивилното население во Газа и блокадата на испораката на хуманитарна помош во Појасот. 

- Резолуцијата има за цел да испрати силен политички сигнал со економско влијание, изјави Оливеира, кој е член на Португалската комунистичка партија (ПЦП).   

Оливеира истакна дека Предлог-резолуцијата досега ја потпишале 15 негови колеги, од кои најголемиот дел од редовите на групата на Левицата, на која и припаѓа и неговата ПЦП, но и тројца членови на Зелените, како и двајца европратеници кои не припаѓаат на ниту една пратеничка група.  
Според Оливеира, Европската Унија мора да изврши „политички притисок за да се стави крај на геноцидот во Газа” и на интервенциите на израелските безбедносните сили на Западниот Брег, што би можело да се направи со суспензија на договорот за соработка ЕУ-Израел, кој „има важен финансиски аспект, особено во областа на науката и истражувањето“. 

Португалскиот европратеник посочи дека претходно слични писмени барања упатил и до Европската комисија и до Советот на ЕУ, но со предложената резолуција, според него, се дава поголема тежина, особено поради поддршката и од други политички групи.

- Ќе инсистираме процесот формално да биде брзо завршен и ќе се обидеме да извршиме притисок (Предлог-резолуцијата) да биде разгледана на следната пленарна седница, додаде Оливеира во изјава за португалската агенција Луса. сп/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан