• четврток, 21 ноември 2024

Поранешниот претседател Иванов и Бан Ки-мун ја отворија јубилејната 15. Школа за млади лидери 

Поранешниот претседател Иванов и Бан Ки-мун ја отворија јубилејната 15. Школа за млади лидери 

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Под темата „Лидерство за мир“, вчера започна јубилејната 15-та Школа за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов која што ќе се одржува во следните две недели. Во периодот од 1-ти до 13 октомври школата ќе се одвива комбинирано, онлајн и во Охрид. Оваа година младите учесници ќе имаат извонредна можност да ги надградат своите вештини и визии за постигнување на траен и одржлив мир во светот, информираат од кабинетот на поранешниот претседател Иванов.

Ова 15. јубилејно издание на Школата за млади лидери традиционално ја отворил покровителот и иницијатор на овој проект, поранешниот претседател Иванов, кој го истакнал значењето на оваа иницијатива која, како што рекол, низ годините ги инспирирала, подготвувала и охрабрувала новите лидери да одговорат на предизвиците на модерното време преку заедничка работа и креирање на позитивни промени. 

-Иванов се осврна на карактеристиките на успешните лидери во денешниот свет, на лидери кои работат на воспоставување, негување и одржување на мирот. Изразувајќи загриженост за глобалната нестабилност и конфликтите што се појавуваат во различни региони, истакна дека мирот и дијалогот се клучни за решавање на меѓународните тензии и за изградба на траен мир. Тој повика на поголема соработка меѓу државите и ја истакна важноста на дипломатските напори за спречување на војните и за промовирање на човековите права и безбедноста на сите граѓани. Во контекст на актуелните глобални настани, Иванов нагласи дека иако многу се зборува за војни и конфликти, малку внимание се посветува на прашањето за постигнување на мир. Тој повикува на потребата за интензивирање на разговорите за мир и за создавање на платформи за соработка, наместо да се фокусираме на воените стратегии и оружје. Мировните иницијативи, според него, мора да бидат во центарот на нашите напори, бидејќи само преку разбирање и компромис можеме да изградиме стабилна и безбедна иднина. Потенцираше дека мирот е премногу комплексна и скапа работа, но неопходна да опстанеме како човечка цивилизација, се вели во соопштението. 

Учесниците на 15-тата Школа биле поздравени и од поранешниот Генерален Секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој поздравувајќи ја иницијативата на претседателот Иванов, ја честитал 15-годишнината на Школата за млади лидери и искажал особено признание за забележителните достигнувања на поранешниот претседател Ѓорге Иванов со Школата за млади лидери.

-Тој потсети и на своето претходно предавање пред третата генерација на Школата за време на неговата официјална посета на Република Македонија во јули 2012 година. Им посака на младите учесници успеси и големи достигнувања, потенцирајќи дека неопходно е да го научат и применуваат концептот на глобално државјанство. Господинот Бан потенцираше дека глобалното државјанство може да се карактеризира како толеранција, добронамерност, сочувство и пожртвуваност. Ако лидерството на младите ги има овие карактеристики, тогаш како глобални граѓани ќе имаат можност да постигнат многу повеќе и подобра иднина за сите. Нагласи дека младите мора да го научат и прифатат концептот на глобално државјанство и само така ќе бидат вистински успешни лидери кои ќе придонесуваат за решавање на предизвиците со кои се соочува човештвото, велат од кабинетот на Иванов. 

Оттаму додаваат дека Школата за млади лидери претставува уникатна платформа за талентирани млади луѓе кои доаѓаат од различни делови на општеството, секој од нив носејќи богато искуство и идеи. Учесниците се внимателно одбрани врз основа на нивните академски достигнувања, лидерски потенцијал и посветеност кон социјалните и општествените промени. Тие се идентификувани како идни лидери кои ќе играат важна улога во создавањето на мирна и просперитетна иднина. На овогодинешната школа учествуваат околу 40-тина учесници и поради нејзиниот меѓународен карактер, покрај учесниците од Република Македонија, една третина од учесниците се странци. 

-Програмата на Школата е осмислена така што им овозможува на учесниците да ги подобрат своите лидерски вештини, критичкото размислување, капацитетот за соработка, како и да ги надградат способностите за иницирање и спроведување позитивни промени. Преку предавањата, работилниците, посебните сесии, панел дискусиите и практичните проекти, млади учесници ќе имаат можност да научат како да го искористат својот потенцијал за градење на мирот и заеднички да создаваат решенија за глобалните предизвици. 20-тина предавачи и повеќе од 30 панелисти и говорници од Македонија и од странство ќе споделат дел од своето искуство и знаење со учесниците. Школата е организирана од Кабинетот на поранешниот Претседател Иванов во партнерство со Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Алумни Асоцијацијата „Иванов Школа за лидери“, истакнуваат од кабинетот на поранешниот шеф на државата. 

Со крајна цел инвестиција во идните и потенцијални лидери, се нагласува во соопштението, овој проект е целосно поддржан од бизнис секторот во земјата. Спонзори и поддржувачи се повеќе општествено одговорни компании од Република Македонија, некои од самиот почеток на школата. 

Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 14 школи, учествуваа околу 550 млади луѓе од земјата и од странство, со различна академска и професионална позадина. Во рамки на Школата за млади лидери, низ годините до сега предавања одржаа над 350 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. сст/са/

Фото: Кабинет на Иванов

 

Остани поврзан