Поранешниот грузиски премиер Иракли Гарибашвили се повлекува од политиката
- Поранешниот премиер и претседател на владејачката партија „Грузиски сон“, Иракли Гарибашвили, на брифинг во седиштето на партијата објави дека се повлекува од политиката, објави јавниот медиум на Грузија, ГПБ.
Тбилиси, 25 април 2025 (МИА) - Поранешниот премиер и претседател на владејачката партија „Грузиски сон“, Иракли Гарибашвили, на брифинг во седиштето на партијата објави дека се повлекува од политиката, објави јавниот медиум на Грузија, ГПБ.
„Денес, „Грузиски сон“ конечно се формира како обединета и силна политичка сила, а, секако, посебна улога во тоа одигра основачот и почесен претседател на нашата партија, Биџина Иванишвили, кој е главен гарант за мирот и стабилноста во земјата. Во најкритичниот момент, тој успеа да го консолидира тимот, да го одржи единството, а под негово водство, „Грузиски сон“ спречи огромни закани за земјата и општеството, а воедно донесе опиплив напредок и развој во сите сфери, во сите правци“, рече Иракли Гарибашвили.
„Може да се каже, дека веќе ја исполнив почесната мисија што ми беше доделена кога се вратив во политиката, првично како министер за одбрана, потоа како премиер по втор пат и конечно како претседател на „Грузиски сон“, коосновач на нашата партија и тим. Сега не гледам потреба да останам претседател на партијата или воопшто да останам во политиката. Затоа решив да ја напуштам функцијата претседател на „Грузиски сон“ и да се повлечам од политиката, но ќе продолжам да ѝ служам на мојата земја од друга позиција“, додаде Гарибашвили, кој беше избран за претседател на партијата на 1 февруари 2024 година.
Тој беше премиер на Грузија двапати: од 20 ноември 2013 година до 30 декември 2015 година, и вториот пат меѓу 22 февруари 2021 година и 29 јануари 2024 година. рп/
Фото: МИА архива