• понеделник, 23 декември 2024

Поранешната директорка на ДСЗИ сведочеше пред Анкетна комисија за работењето на Онкологија

Поранешната директорка на ДСЗИ сведочеше пред Анкетна комисија за работењето на Онкологија

Скопје, 28 октомври 2023 (МИА) - Поранешната директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Ирина Сотирова Бухова денеска сведочеше на седница на собраниската Анкетна комисија која го истражува работењето на Клиниката за онкологија.

Прашана од страна на претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи дали имало вонреден инспекциски надзор во Клиниката за онкологија за време на нејзиното директорување, Сотирова Бухова одговори дека во текој на нејзиниот мандат стасани се четири претставки од пациенти, кои влегуваат во вонредни инспекциски надзори. Таа раководеше со ДСЗИ од август 2017 година до септември 2021 година.

-Кога Инспекторот оди во надзор, најпрвин врши контрола на хигиена, каде спаѓаат повеќе параметри, како што се дезинфекција, дезинсекција, динамика на чистење и одржување на хигиена, однос кон панциентите, поплака и издавање на соодветни решенија. Во текот на мојот мандат стасани се четири претставки од пациенти и тие влегуваат во вонредни инспекциски надзори. Извршени се четири вонредни инспекциски надзори и на сите подносители за барање на надзор им е одговорено, рече Сотирова Бухова.

Таа појасни дека сите потребни документи ги има во Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Сотирова Бухова потврди дека во текот на нејзиното директорување, Министерството за здравство нема побарано вонреден надзор за Клиниката за онкологија.

-Секој надзор, редовен или вонреден, завршува со записник. Записникот го потпишува инспекторот кој го врши надзорот и одговорното лице, кое задолжително е присутно на тој надзор. Сите записници се потпишани од двете страни. Во ДСЗИ постои секој документ архивиран за кој било редовен или вонреден надзор. Јас можам да ви доставам тоа што го имам од вонредните инспекциски надзори кои сум ги добила на мое барање, но имајќи во предвид дека поканата за присуство на оваа седница ја добив пред помалку од 40 часа, мора да сфатите дека не можев да обезбедам ниту тоа што мислев дека мене ми е потребно, за да бидам исрцпна и да ги задоволам одотгворите на вашите прашања, посочи Сотирова Бухова.

Како што информираше, во ДСЗИ постои сериозна архива која го има секој вонреден и редовен инспекциски надзор, секој записник и секое издадено решение. Решението, како што рече, е со архивски број и го има доставено до секоја Клиника, па и до Онкологија. Додаде дека четирите инспекциски надзори се на барање на пациентите.

-Во главно, трите барања за надзор се за незадоволство од однесувањето на одредени доктори, а едниот заврши со непронаоѓање на пациент кој наводно го поднел барањето за вонреден инспекциски надзор. Јас немам информација дека Државниот завод за ревизија има забелешки во однос на надзорите и дека ДСЗИ дал решенија, кои потоа ги нотира Државниот завод за ревизија, додаде Сотирова Бухова.

На прашањето од страна на пратеничката Иванка Василевска, дали како професионалец би поднела оставка доколку сега е директорка, Сотирова Бухова одговори дека не сака да зборува шпекулативно. Но, посочи, кога уште би раководела со таа институција, не би дозволила вакво прашање да дојде на дневен ред.

-Обично не сакам да зборувам шпекулативно. Се уште се работи на тоа да се увиди дали постоела или не постоела таква постапка на Клиниката на Онкологија. Најпрвин треба да се докаже, а потоа да се преземат одредени санкции. Лично јас кога би раководела со таа институција, не би дозволела вакво прашање да дојде на дневен ред, рече Сотирова Бухова.

Пратеникот Љупчо Пренџов на седницата праша дали има морална одговорност, на што Сотирова Бухова одговори дека за време на нејзиното директорување, со извонредни напори се справувале со пандемијата и не го разбира прашањето за морална одговорност. 

-Во мое време немаше никаква претставка од ваков вид, за да можам да одговорам. На хипотетички прашања не можам да одговарам. Зборувам за времето на моето директорување. Тогаш немаше вакви надзори и немаше потреба од вакви надзори. Не можам да одговорам на хипотетички прашања. ДЗСИ застана исправено пред предизвикот на пандемијата, додаде Сотирова Бухова.

Пратеникот Зоран Коцески на седницата и постави неколку прашања. Тој потсети дека првата кражба на лекови од медицинска сестра се случила во 2020 година и ја праша Сотирова Бухова дали бил извршен вонреден надзор во тој период. На ова, Сотирова Бухова одговори дека во тој период, до ДСЗИ не стигнало барање за вршење на инспекциски надзор ниту од Јавното обвинителство, ниту од МВР, ниту пак од министерот за здравство.

-Во 2020 година до ДСЗИ нема стасано барање од никој, ниту пак претставка, за да може да постапува. Второ, за да се работи за кражба на лекови не постапува ДСЗИ, постапуваат другите институции. Ниту МВР ниту Јавното обвинителство не побарале надзор за овој случај во 2020 година. Нема побарано вонреден надзор ниту министерот за здравство, рече Сотирова Бухова.

Прашана дали и колку извештаи доставиле во тој период и што содржат тие извештаи, Сотирова Бухова одговори дека извештаите по извршени редовни инспекциски надзори на квартално ниво ги има во ДСЗИ. Како што додаде, редовните надзори не се вршени во 2020 и 2021 година заради пандемија и пандемиските услови.

Во врска со Като системот, Сотирова Бухова рече дека тој не е во ингеренции на ДСЗИ, затоа што е апаратура која се користи за лекување на пациентите.

-Во однос на опремата, доколку ДСЗИ е повикан со инициран надзор, тогаш ја запишува во записник опремата со која располага одредена клиника. Но, во редовните надзори не е опфатено опремата да биде забележувана. Постои протокол за редовни надзори, во тој протокол не е опфатена опремата која ја има институцијата, додаде Сотирова Бухова.бт/нд/

Фото/принтсктин

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан