• петок, 15 ноември 2024

Поранешен вработен на Пентагон осуден на 21 година затвор за шпионажа во корист на Русија

Поранешен вработен на Пентагон осуден на 21 година затвор за шпионажа во корист на Русија

Вашингтон, 30 април 2024 (МИА) - Џаред Себастијан Далк, поранешен вработен во американската Агенција за национална безбедност (НСА), која спаѓа под Пентагон, од суд синоќа беше прогласен за виновен и осуден на 21 година затвор за обид за шпионажа, јави весникот „Ју-Ес-Еј тудеј“.

Триесет и две годишниот специјалист за развој на безбедност на информациски системи беше прогласен за виновен после обид за предавање тајни информации од одбраната на руски агент, чија улога ја извршувал вработен на Федералното биро за истраги (ФБИ.)

За предавањето на информациите Далк побарал 85.000 долари бидејќи имал долгови од студентски кредит и кредитна карта, а исплатата ја барал во крипто валута.

Според Министерството за правда на САД, во септември 2022 година Далк на агентот на ФБИ му предал четири доверливи фајла, како и кратки извештаи од три документи вклучувајќи и оценка на заканите по одбранбениот потенцијал на САД. Според ФБИ, обвинетиот имал пристап до строго доверливи информации и потпишал доживотен договор за нераспространување.

Покрај финансиските Далк имал и идеолошки побуди. Како што му рекол на тајниот агент, тој сакал да помогне на Русија со тоа што се стремел да постигне „избалансирана вага на светот“ и да предизвика промени, но и да ги „исполнувам моите интереси“.

Веднаш по испраќањето на документите преку електронска пошта, оперативци на ФБИ го задржале ова лице, кое потоа целосно ја признало вината.

-Оваа пресуда демонстрира дека оние кои ќе ја предадат нашата земја ќе бидат повикани на одговорност за своите злосторства, изјави генералниот обвинител на САД Мерик Гарланд.бк/сд/

Остани поврзан