• петок, 08 ноември 2024

Поразот од Лил не врати во реалноста, изјави Анчелоти

Поразот од Лил не врати во реалноста, изјави Анчелоти

Мадрид, 4 октомври 2024 (МИА) - Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти се надева дека краткото време за подготовка што го имаше со своите играчи по шокантниот пораз од Лил во Лигата на шампионите ќе биде доволно за неговата екипа да се врати на победничките патеки.

Реал му гостува на Виљареал во Ла Лига во сабота, а Анчелоти изјави дека поразот во средата „го спуштил Реал на земја“.

Пеналот на Џонатан Дејвид донесе победа на францускиот тим од 1-0, со што заврши серијата на 15-кратниот европски клупски шампион од 36 натпревари без пораз во сите натпреварувања.

-На Виљареал му оди навистина добро, утре е можност да се вратиме на добриот фудбал. Расположението е добро како и секогаш. Поразот во среда е можност ако ја искористиме и реагираме добро. Самокритични сме. Има моменти кога треба повторно да се подигнеме и мораме да го направиме тоа брзо. Понекогаш добрата серија ве тера да мислите дека сте непобедливи, но поразот ве враќа во реалноста. Се уште не сме на нашето ниво, имаме играчи кои не се во најдобра форма. Не сме далеку од местото каде што сакаме да бидеме. Ни недостасува интензитет во одбраната и во нападот, топката треба да оди побрзо, изјави Анчелоти на прес-конференцијата во петокот.

Се очекува Килијан Мбапе да се врати во стартната постава откако напаѓачот го пропушти ремито 1-1 со Атлетико минатиот викенд и влезе од клупата против Лил со повреда на тетивата, што го натера селекторот на Франција, Дидие Дешан да го остави својот капитен надвор од натпреварите за Лигата на нации против Израел и Белгија следната недела.

-Имаше проблем кој се чини дека е решен. Тренира нормално. Не се мешам во тоа што го прават националните селектори. Дешан одлучи да не го повика, изјави Анчелоти. дс

Фото: Архива

Остани поврзан