• недела, 22 декември 2024

Поради недостиг на гориво, редуциран автобускиот превоз во Скопје

Поради недостиг на гориво, редуциран автобускиот превоз во Скопје

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.

Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како ѓто рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.

– Одговорот е едноставен, нема нафта. Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта. Во ЈСП „Скопје“ работат 1.200 луѓе и нема да дозволиме некој да си поигрува со нивните судбини, рече Муча.

Најави дека е можно утре воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во теков на денов не им се достави гориво. Посочи дека Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ од петок ќе одлучи какви натамошни постапки ќе преземе доколку не се среди состојбата во јавното градско претпријатие.

Приватните превозници во Град Скопје „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ денеска преку соопштение апелираат до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз.

- Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во Градот Скопје која се влошува од ден на ден. Повторно упатуваме јавен апел до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Приватните превозници располагаат со 200 автобуса кои не се максимално искористени и со кои можеме да го надополниме недостатокот на автобуси на ЈСП, се вели во соопштението. 

Според приватните превозници, за да биде во целост исполнет зимскиот возен ред по одлука на Совет за линиски превоз на патници во Град Скопје потребни се 352 автобуса или со резервни вкупно 444 автобуси. Наведуваат дека во моментов на дневно ниво недостасуваат од 160 до 200 автобуси.

- Приватните превозници не можат да одговорат на зададениот возен ред поради следниве причини: неподмирен долг од јуни, немаме верификувани извештаи за месеците јули, август, септември и октомври, ниска цена за изминат километар, со која не можеме да ги покриеме основните трошоци, стои во соопштението.

Од „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ велат дека не е точна информацијата која беше пласирана во јавноста дека доколку се покачи цената за изминат километар кај приватните превозници ќе значи и покачување на цената на билетот.

- Информацијата која беше пласирана во јавноста дека доколку се покачи цената за изминат километар кај приватните превозници ќе значи и покачување на цената на билетот, одговорно тврдиме дека не е така туку потребна е реформа во јавниот градски превоз. Ние сме последната дејност каде што нема покачување, немаме волшебно стапче да ги надоместиме загубите. Со покачувањето на цената ќе можеме да работиме рентабилно, но и нашите корисници ќе добијат понови еколошки климатизирани автобуси, се вели во соопштението од „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“.

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш денеска ги повика сите жители на протест, кој е закажан за в петок, 22 ноември. 

- Очекуваме преку протестот да ја пренесеме пораката до Градоначалничката на градот Скопје и до ЈСП дека граѓаните на општина Шуто Оризари и воопшто граѓаните на градот Скопје треба да добиваат услуги за кои плаќаат и дека нефункционирањето на јавниот превоз веќе втора година не само што влијае на влошување на економската состојба на граѓаните кои треба да користат приватен превоз туку влијае и на губење на нивните работни места поради нередовост на работа, отсуство од часови на ученици и непосета на лекари од страна на постарите и болните лица, информира Дудуш. мд/вј/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан