Танасија Стојановиќ, илинденец, до властите на НРМ: По националност сум Македонец; барам „призналост“, а не пари
- Во ова мое барање, не барам никаква парична пензија, ами „призналост“ затоа што слушам дека Владата на НР Македонија дала признание на мои другари - учесници во „Илигденското“ востание...
Демир Хисар, 21 aвгуст 2025 (МИА)
Пишува: Слободан ИВАНОВ
- Во првите години од современата македонска државност, новите републички власти ги темелат своите принципи, т.е., делумно, и државната идеологија - врз основа на илинденските револуционерни традиции. По донесувањето на Законот за илинденски пензии во 1946 година, неколку илјади луѓе - илинденци, ветерани, бараат финансиска издршка, но и признание од македонската држава за своето учество во националнореволуционерните борби, па во своите молби и поднесоци ги раскажале своите животни приказни... Овие записи и сведоштва се извонредно значаен извор, пред сѐ - за македонската национална историја, но и за животната и револуционерно-воената драма на тие луѓе.
Истражувачот Кочо Топузоски, во својата книга „Ветераните на Илинден“ (изд. „Панили“, Скопје, 2017), пренесува некои од тие животописи.
Меѓу сите овие ветерани е и Танасија Стојановиќ со потекло од село Слоештица кај Демир Хисар. Во неговата автобиографија, тој нагласува:
„Потекнувам од земјоделска сиромашна фамилија, а по занимање сум работник. По националност Македонец. Школо немам посетувано, но сум самоук, писмен. Сега живеам во Стара Пазува (во областа Срем, Србија). Роден сум 1872 година.“
Во Илинденското востание, зел учество во напад врз турската војска во селото Прибилци, Демирхисарско.
- Лично учествував со пушка в рака и водев борба како и останатите четници. Успеавме да го преземеме с. Прибилци, да заплениме разна стока и др. и ги дотеравме во атарот на с. Слоештица. Над селото организиравме складови, организиравме фурна за печење леб и стражарев при тие складови, раскажува Танасија.
Натаму вели дека веќе користи работничка пензија и дека не бара пари.
- Во ова мое барање, не барам никаква парична пензија, ами „призналост“ (признание, н.з.) затоа што слушам дека Владата на Народна Република Македонија дала признание на мои другари - учесници во „Илигденското“ (Илинденското) востание... Со почит, (потпис), го завршува илинденскиот ветеран своето барање.
Наводите во ова сведоштво се потврдени со потпис на двајца сведоци. Поднесокот е заверен во Месниот народен одбор во селото Жван, Демирхисарско, со потписи на секретарот и претседателот на Одборот, но датата не е наведена. Истражувачот претпоставува дека оваа автобиографија е пишувана во с. Жван, пролетта или летото 1952 година. си/
Фото: Фејсбук, јавна објава.