• среда, 04 декември 2024

Полјакините повторно на улица поради неисполнетите ветувања за либерализација на абортусот

Полјакините повторно на улица поради неисполнетите ветувања за либерализација на абортусот

Варшава, 23 јули 2024 (МИА) – На повик на „Женскиот штрајк“, полјакините вечерва излегоа на улиците во поголемите градови и се собраа пред зградата на Парламентот во Варшава, за да ја потсетат и „засрамат“ проевропската влада на премиерот Доналд Туск дека не ги исполнила своите ветувања дека итно ќе почне со либерализација на рестриктивниот закон за абортус.

Полјакините се лути на новата владејачка коалиција затоа што не го исполнила едно од нејзините главни ветувања пред изборите на 15 октомври: да се ублажи еден од најрестриктивните закони за абортус во светот, според кој полските жени имаат право да ја прекинат бременоста само доколку здравјето и животот на бремената жена се загрозени или ако бременоста е резултат на кривично дело, силување или инцест.

Владата на премиерот Туск, меѓу другото, поради противењето на најконзервативниот дел од владејачката коалиција – „Полската народна партија“, досега успеа само да ги обврзе лекарите да вршат абортуси кога животот на мајката е загрозен, по црната серија смртни случаи на полски трудници од сепса бидејќи повеќето лекари, плашејќи се од затвор, чекаа плодот да умре.

Поради недостиг на само четири гласа на владејачката коалиција, на 12 јули во парламентот пропадна договорениот предлог за измена на Кривичниот законик со кој помагањето за прекинување на бременоста ќе престанеше да биде кривично дело, кое сега е казниво со до на три години затвор. јт/

Фото: Х Скриншот

Остани поврзан