• недела, 24 ноември 2024

Полскиот правобранител побара проценка на уставноста на казните на ЕУ

Полскиот правобранител побара проценка на уставноста на казните на ЕУ
 Варшава, 15 ноември 2021 (МИА) - Полскиот државен правобранител побара од Уставниот суд да утврди дали одредбите на кои се повика Судот на ЕУ при изрекувањето на пресудата за Полска се во согласност со полскиот Устав, соопшти денеска неговата канцеларија. Полската конзервативна влада е во спор за голем број прашања со Европската унија, поврзани со владеењето на правото и судските реформи, за кои критичарите тврдат дека ја поткопуваат независноста на судството, вклучувајќи го и самиот Уставен суд, пишуваат британските медиуми. Судот на правдата на Европската унија (СЕУ) во октомври пресуди Полска да мора да плаќа по еден милион евра дневно додека не го распушти Дисциплинскиот совет на полскиот Врховен суд. Ова тело, задолжено за надзор на полските судии, има овластување да им го укине имунитетот, кој ги штити од гонење и да им ги намали платите. Еден месец претходно, Европскиот суд ја казни Варшава со 500.000 евра дневно затоа што не затвори голем рудник за лигнит за што беше тужена од соседна Чешка заради нанесување штета на нејзините жители. Полска одговори дека рудникот ќе продолжи да работи и дека нема да ја плати казната. Варшава ги оспорува двете пресуди, а денеска државното правобранителство јави дека ќе побара мислење од Уставниот суд за нивната уставност. „Според државниот правобранител, овие пресуди на Судот на правдата на ЕУ незаконски ги прошируваат надлежностите на ЕУ утврдени со основните договори, прекршуваат делови од полскиот Устав и ги игнорираат пресудите на полскиот Уставен суд“, соопшти канцеларијата, а пренесе ПАП. Првото рочиште за ова прашање е закажано за 24 ноември.сд/

Остани поврзан